Siemens Energy инвестира една милијарда долари во САД: „Најпрофитабилниот пазар за електрична енергија во светот“

Siemens Energy најави инвестиција од една милијарда долари во проширување на производството во САД, насочена кон електроенергетската мрежа и гасни турбини за потребите на дата-центрите за вештачка интелигенција.

Германската компанија Siemens Energy соопшти дека планира да инвестира една милијарда американски долари во проширување на производството на компоненти за електроенергетската мрежа во САД, како и во производство на гасни турбини кои треба да обезбедат стабилно снабдување со електрична енергија за дата-центрите за вештачка интелигенција.

Инвестицијата доаѓа во време кога најголемите светски технолошки компании вложуваат стотици милијарди долари во изградба на нови дата-центри во САД, чија потрошувачка на електрична енергија сè потешко може да ја издржи застарената американска електродистрибутивна мрежа.

Според владини извештаи, дата-центрите би можеле да зафаќаат дури 12 проценти од вкупниот капацитет на американската електроенергетска мрежа во рок од две години, што е речиси тројно повеќе во споредба со 2024 година.

Растечка побарувачка за енергија во САД

„САД во моментов се најпрофитабилниот пазар за електрична енергија во светот, со најмногу нарачки во 2025 година, и не гледам крај на овој тренд“, изјави извршниот директор на Siemens Energy, Кристијан Брух, за Reuters.

Зголемените енергетски потреби на големите технолошки компании поттикнаа бран на проекти за изградба на нови електрани и нивно поврзување со мрежата. Сепак, реализацијата на овие планови е забавена од проблеми во синџирите на снабдување и од долгите административни постапки за добивање дозволи.

Нова фабрика во Мисисипи

Најавената инвестиција од една милијарда долари е дел од поширок инвестициски пакет на Siemens Energy вреден околу седум милијарди долари. Таа вклучува изградба на нова фабрика за опрема за електроенергетската мрежа во сојузната држава Мисисипи, која, според Брух, ќе биде најголемиот ваков производствен капацитет на германската групација на глобално ниво.

Се очекува фабриката да биде завршена во 2028 година.

Глобално проширување на капацитетите

Проширувањето на производството во САД би ги зголемило глобалните капацитети на Siemens Energy за производство на големи турбини за околу 20 проценти. Во исто време, фабриката за турбини во Берлин би можела повеќе да се насочи кон клиенти во Европа и на Блискиот Исток.

САД моментално учествуваат со речиси една четвртина од вкупните приходи на Siemens Energy, додека околу 12 проценти од вкупниот број вработени во компанијата работат на американскиот пазар.

Извор: Reuters / EPA

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни