„Кумот на AI“ предупредува: Масовна невработеност и опасна суперинтелигенција се прашање на време

Џефри Хинтон, еден од клучните научници во развојот на вештачката интелигенција и често нарекуван „кумот на AI“, во најновите изјави предупредува на сериозни социјални и економски последици од технологијата што самиот помогнал да се создаде.

Во интервју за „Фајненшл тајмс“, Хинтон изрази загриженост дека вештачката интелигенција ќе доведе до масовна невработеност и продлабочување на економските нееднаквости. Според него, проблемот не е во самата технологија, туку во начинот на кој ќе биде користена – првенствено за зголемување на профитот и намалување на трошоците за работна сила.

Тој предупредува дека во капиталистички систем, AI најмногу ќе им користи на богатите, додека мнозинството може да остане без работа и перспектива. „Оптимистичките сценарија што ги слушаме од технолошките лидери не се реалност, туку заблуда“, вели Хинтон, нагласувајќи дека последиците може да бидат глобални и длабоко неправедни.

Идејата за универзален основен приход, која ја поддржуваат некои технолошки компании, според Хинтон не е доволна. Финансиската помош, вели тој, не може да го надомести чувството на цел, достоинство и припадност што го носи работата. Губењето на тие елементи може да предизвика сериозни психолошки и општествени последици.

Дополнително, Хинтон предупредува и на развојот на таканаречена суперинтелигенција – системи што би можеле да ја надминат човечката интелигенција во наредните пет до дваесет години. Според него, ова повеќе не е научна фантастика, туку сценарио што бара сериозна подготовка и регулација.

На прашањето дали младите треба да останат оптимисти, Хинтон одговара дека претераниот оптимизам може да биде опасен. Наместо тоа, потребна е свесност и одговорност за да се избегнат најлошите можни исходи од технолошката револуција што веќе се случува.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни