Со голема посетеност и во празнична атмосфера, Гевгелија викендов доби нова шопинг дестинација – официјално беше отворен новиот ЏАМБО (JUMBO) маркет, сместен во новоотворениот трговски центар „Gevgelija Mall“. Отворањето означува значајна инвестиција во јужниот регион и проширување на присуството на еден од најпрепознатливите малопродажни брендови во земјава.
Првиот работен ден помина во знакот на семејна забава и дружење. Најмладите посетители беа дел од целодневна програма со музика, маскоти, цртање на лице и игри со сапунени меури, што го претвори отворањето во вистински настан за локалната заедница.
Новиот ЏАМБО маркет се простира на површина од 3.000 квадратни метри, уреден според современи малопродажни стандарди. Купувачите имаат пристап до над 20.000 артикли, вклучувајќи производи за домот, играчки, декорации и сезонски производи, прилагодени за сите возрасни групи.
Како дополнителна новина, во рамки на објектот е интегриран и селектиран асортиман од брендот ВЕРО, што овозможува на едно место да се задоволат повеќе секојдневни потреби за домаќинството. Оваа синергија, според компанијата, е насочена кон заштеда на време и подобро корисничко искуство за потрошувачите.
Генералниот директор на ВЕРО и ЏАМБО маркетите, Петар Денковски, истакна дека инвестицијата има пошироко значење за градот и регионот.
„Горди сме што со оваа капитална инвестиција директно придонесуваме кон економскиот пулс на Гевгелија. Отворени се нови работни места и создаден е регионален трговски центар кој, веруваме, ќе привлекува купувачи не само од градот, туку и од соседните средини,“ изјави Денковски.
Од менаџментот потврдуваат дека експанзијата продолжува и во 2026 година, со најавено отворање на нов маркет во Струмица, со што ЏАМБО и ВЕРО дополнително ќе го зацврстат своето присуство во југоисточниот дел од земјата.
Новиот маркет во Гевгелија веќе работи со полн капацитет, нудејќи креативни и практични решенија за целото семејство, под препознатливиот слоган: „За сѐ што ви треба и не сте знаеле дека ви треба“.
