Џајковски и Констракта на концертот посветен на Влада Дивљан

Филхармонија на 17 ноември го чествува вонвременското дело на Дивљан со специјални гости.

Во понеделник, 17 ноември, во Филхармонија ќе се одржи големиот концерт посветен на едно од најзначајните музички имиња на овие простори – неповторливиот Влада Дивљан. На сцената, како специјални гости, ќе им се придружат нашиот Кирил Џајковски – пионер на електронската музика чиј препознатлив звук одамна надмина регионални граници – и Констракта, артистката која со својот иновативен пристап, интелигентен хумор и современа естетика внесе сосема нов сензибилитет на регионалната сцена.

Концертот „Само една љубов имам“ го подготви групата „Невладина Организација“ по повод десетгодишнината од смртта на Дивљан. Турнејата симболично започна во Виена – градот во кој Влада живееше и твореше од 1999 година до неговата смрт – а по Белград и Загреб, концертот пристигнува и во Скопје како дел од програмата на фестивалот ТАКСИРАТ.

Бендот „Невладина Организација“ го сочинуваат неговите долгогодишни пријатели и соработници: Зденко Колар, Саша Шандоров, Борис Буњац и Марко Миливојевиќ, како и помладите членови Дамјан Дашиќ и Марко Чалиќ. Нивната мисија е јасна — да ги зачуваат големите хитови и безвременски песни на Влада, и да ѝ понудат на публиката повторно да ја доживее неговата музика во живо.

Македонската публика ќе може да го чуе бендот кој соработуваше со уметникот што остави неизбришлива трага во музичката историја на регионот, и да ги запее песните од сите периоди на неговата кариера: од „Идоли“, преку соло-делата, до проектите „Олд Старс“, „Невладина Организација“ и „Летно кино“.

Влада Дивљан (1958–2015), пејач, композитор и гитарист, го основа култниот „ВИС Идоли“ во 1980 година. Со нив ги создаде антологиските албуми „Odbrana i poslednji dani“, „Čokolada“ и „Šest dana juna“. Во текот на својата богата кариера објави уште осум албуми, создаваше музика за деца заедно со Срѓан Гојковиќ Гиле, и компонираше за театар, филм и телевизија. Последните години од животот ги помина во Виена.

Десет години по неговото заминување, концертот во рамки на ТАКСИРАТ е можност публиката, пријателите и колегите да се потсетат на неговото вонвременско дело — музика која и денес звучи свежо, искрено и длабоко човечно.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни