DW: Забраната на пластиката не даде речиси никакви резултати

И по три години од забраната на лесните пластични кеси во Германија, пластичниот отпад останува сериозен проблем. Deutsche Welle анализира зошто мерките на ЕУ не функционираат и каде системот потфрла.
диви депонии на пластика

Поминаа три години откако Германија ја забрани употребата на лесни пластични кеси, но пластичниот отпад и понатаму е насекаде присутен. Истражување на Deutsche Welle покажува дека Европската унија, како и другите региони во светот, сè уште не успеваат ефикасно да се справат со проблемот на пластиката, а производите за еднократна употреба остануваат лесно достапни.

И покрај забраната воведена во 2021 година, пластични сламки, прибор за јадење и стиропорни кутии за храна сè уште може да се видат во угостителските објекти низ Европа. ЕУ се реши на ваков чекор откако утврди дека дури 85% од отпадот пронајден на европските крајбрежја е пластика.

Речиси половина од тој отпад се однесува на производи за еднократна употреба, како сламки, прибор за јадење, чинии и амбалажа за храна за носење. Со оглед дека пластиката испушта штетни хемикалии и микрочестички кои навлегуваат во животната средина и човечкото тело зголемувајќи го ризикот од сериозни заболувања како рак и неплодност, ЕУ одлучи да интервенира.

Идејата беше едноставна: забрана на продажбата, производството и увозот на најголемите загадувачи. Но, реалноста се покажа многу посложена.

Забрана на хартија, пластика во пракса

Истражување на невладината организација Еколошка акција Германија (DUH) од 2024 година покажа дека речиси 70% од рестораните со храна за носење во Берлин и натаму нудат забранети пластични производи. Слични наоди има и извештај на пет европски еколошки организации, според кој забранетата пластика е широко достапна во поголемиот дел од земјите на ЕУ.

На глобално ниво, годишно се произведуваат повеќе од 400 милиони тони пластика, што изнесува околу 50 килограми по жител. Со континуираниот раст на производството и слабата глобална регулатива, научниците предупредуваат дека проблемот дополнително ќе се влошува.

Како оправдување често се наведува дека дел од пластиката потекнува од залихи создадени за време на пандемијата, кога значително порасна нарачката на храна за носење. Но експертите сметаат дека ова објаснување не држи.

„Забраната стапи на сила во 2021 година, тоа беше пред четири години“, вели Брита Шауц од берлинска организација за заштита на потрошувачите. Според неа, пластиката има ограничен рок на безбедна употреба и со текот на времето станува порозна, што значи дека најверојатната причина е непочитување на прописите.

Високи трошоци, слаба контрола и ретки казни

Многу мали угостителски бизниси кои преминале на хартиени или алуминиумски алтернативи се соочуваат со значително повисоки трошоци. „Тоа е катастрофа, хартиените чинии се скапи и тешко се набавуваат“, изјави еден сопственик на ресторан.

Казните за кршење на забраната во Германија достигнуваат и до 100.000 евра, но проблемот е во спроведувањето. Ниту еден од петте најголеми германски градови не можел да наведе конкретен пример на изречена казна, најчесто се реагира само по пријави од граѓани или со повремени контроли.

„Доследното казнување и појасна комуникација би ги натерале бизнисите да ги почитуваат правилата“, смета Томас Фишер од DUH.

Онлајн трговијата – голема дупка во системот

Една од најголемите слабости на забраната е интернет-продажбата. Забранетите пластични производи и понатаму лесно се купуваат преку платформи како Temu, eBay или Fruugo.

Дополнително, некои производители ја заобиколуваат забраната така што произведуваат подебели пластични производи и ги означуваат како „за повеќекратна употреба“, иако во пракса се користат само еднаш.

Фрагментирани закони – ограничени ефекти

Иако најмалку 90 земји имаат воведено некаква забрана за пластика, прописите значително се разликуваат. Експертите предупредуваат дека ваквиот фрагментиран пристап не носи вистински резултати.

Во Германија, на пример, се забранети само кеси со дебелина од 15 до 50 микрометри, иако токму тие сочинувале 87% од сите дистрибуирани кеси во 2022 година.

Глобален проблем, глобално решение

Истражување од САД во 2025 година покажало дека најефикасни се забраните на национално и меѓународно ниво. На преговорите на ОН за пластичен отпад, сепак, не беше постигнат консензус – земјите производители на нафта се залагаа за управување со отпадот, додека други бараа намалување на самото производство на пластика.

Денес, дури 98% од пластиката се произведува од фосилни горива.
„Потребни се построги политики и итна акција“, заклучува Натали Гонтар. „Дури и намалување од 10% во следната деценија би било голем чекор напред.“

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни