Фемицид- најбруталната форма на насилство врз жената!

Двојно убиство во Велес: Колку уште жени треба да умрат за државата да реагира?

Во земјава, од 2019 до 2023 година, се евидентирани околу 20 случаи на фемицид, со 17 покренати кривични постапки и 19 убиени жени. Повеќето од жртвите се убиени од раката на сегашни или поранешни партнери или сопружници, и најчесто во нивните домови.

Пред два дена во Велес се случи двојно убиство: 39‑годишен маж од Скопје ja нападна со нож и ја уби својатa поранешна партнерка (31 година) и нејзиниот татко, а потоа изврши самоубиство.

Според медиумите, случајот бил добро познат на велешката полиција бидејќи жртвата претходно го пријавувала за насилство и закани по нејзиниот живот. Иако му била изречена забрана за приближување и неодамна завршил судски процес за „загрозување на сигурноста“ и „телесна повреда“, институциите не успеале да ја заштитат жртватa.

„Најновиот случај покажува дека самата законска рамка не е доволна без ефикасно спроведување, соодветни протоколи и одговорност на институциите. Како Мрежа Стела и дел од Платформата за родова еднаквост изразуваме длабоко жалење за овие убиства кои можеа да бидат спречени и остро реагираме и бараме целосна истрага на затајувањето од институциите“ реагираат од Мрежа Стела.

Според ХЕРА, фемицид во Велес можеше да биде спречен.

„Жената повеќепати го пријавувала насилникот, укажувала дека е во опасност и дека може да биде убиена. Институциите знаеле – и пак не постапиле. Ова е системско затајување. Бараме итна, темелна и објективна истрага и одговорност за непостапувањето на институциите. Итно започнување со јакнење на капацитетите за процена на ризик во МВР и ЦСР. Конкретни мерки и буџети за заштита на жените жртви. Секое игнорирање на пријавите е директна закана по живот. Животот на оваа жена можеше и мораше да биде спасен“ реагираат од Хера и Национална Мрежа Против Насилство врз Жените и Семејно Насилство.

Со реакција се јави и Хелсиншкиот комитет за човекови права. Од таму порачуваат:

„Како Платформа, сме морално обврзани да повикаме на одговорност и да ја надминеме рамката на едноставни реакции. Нашата заедничка реакција и барањата се насочени кон четири области: Итна, темелна и објективна истрага за тоа кој сè бил должен да постапи по пријавите на жртвата, почитувајќи го принципот на  должно внимание, и со тоа да го превенира двојното убиство; Одговорност и санкции за сите надлежни лица кои не постапиле согласно закон; Итно започнување со јакнење на капцитетите за процена на ризик во МВР и ЦСР, кои ќе овозможат рано препознавање, соодветна процена на ризик и спречување на вакви случаи. Алоцирање на доволно финансиски средства за обезбедување на сеопфатна заштита на жените жртви на насилство, односно воспоставување и обезбедување одржливост на специјализираните услуги за помош и поддршка на жените и децата жртви на родово базирано и семејно насилство.

Фемицидите не се „изолирани случаи“ – тие се директна последица на игнорантскиот однос на државата кон насилството врз жените. Секоја непреземена мерка, секое игнорирање на пријава, секое одложено постапување чини живот. Животот на оваа жена можеше и мораше да биде спасен. Системот мора да понесе одговорност“

Според Акција Здруженска , фемицидите не се „изолирани случаи“ – тие се директна последица на игнорантскиот однос на државата кон насилството врз жените. Животот на оваа жена велат, можеше и мораше да биде спасен. Системот мора да понесе одговорност.

Статистика: Фемицидот во Македонија и глобално

Во земјава, од 2019 до 2023 година, се евидентирани околу 20 случаи на фемицид, со 17 покренати кривични постапки и 19 убиени жени. Повеќето од жртвите се убиени од раката на сегашни или поранешни партнери или сопружници, и најчесто во нивните домови.

Во 2023 година, околу 51.100 жени и девојчиња ширум светот биле убиени од нивни интимни партнери или други членови на семејството (вклучувајќи татковци, мајки, чичковци и браќа). Ова значи дека, во просек, 140 жени или девојчиња се убивани секој ден од некој од нивното семејство. Сегашните и поранешните интимни партнери се далеку најверојатните сторители на фемицид, сочинувајќи во просек 60% од сите убиства поврзани со интимен партнер и семејство.

Во многу случаи, само убиства поврзани со пол, извршени од интимен партнер или член на семејство, се броени како фемициди – но знаеме дека фемициди се случуваат и надвор од приватната сфера. Тие можат да бидат поврзани со силување или сексуално насилство од непознато лице; со штетни практики како што е женското генитално осакатување или таканаречените убиства „од чест“; резултат на злосторства од омраза поврзани со сексуална ориентација или родов идентитет; или поврзани со вооружен конфликт, банди, трговија со луѓе и други форми на организиран криминал.

Фемицидот е глобална криза која ги погодува жените и девојчињата во секоја земја и територија. Според новиот извештај, во 2023 година, Африка забележала најголем апсолутен и релативен број на убиства на жени и девојчиња од страна на интимни партнери и членови на семејство, со околу 21.700 жртви (2,9 на 100.000 жители). Америка и Океанија исто така забележале високи стапки (1,6 и 1,5 на 100.000), додека во Азија и Европа тие се значително пониски (0,8 и 0,6 на 100.000).

Во Македонија, случајот во Велес е болна потврда дека фемицидот е актуелен, сериозен, и дека заканите и предупредувањата не смеат да се игнорираат. Македонската статистика покажува дека бројките се значителни и секој лучај е трагедија.

Глобално, 85.000 жени убиени во една година, повеќето од нив од блиски лица, укажуваат на тоа дека не е доволно само да имаме закони, туку да имаме функционирачки институции, ефикасна превенција, јавна свест и поддршка за жртвите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни