Двојно е зголемен бројот на видови пчели на кои им се заканува исчезнување

Студија покажа дека од вкупно 1.928 видови пчели, најмалку 172 видови се загрозени од исчезнување, објавува „Гардијан“

Бројот на видови диви пчели на кои им се заканува исчезнување во Европа се зголемил повеќе од двојно во изминатата деценија, а слична е ситуацијата и со загрозените видови пеперутки, покажа нова студија, објавија денес британските медиуми.

Студија спроведена од Меѓународната унија за зачувување на природата (IUCN) покажа дека од вкупно 1.928 видови пчели, најмалку 172 видови се загрозени од исчезнување, објавува „Гардијан“.

Во исто време, бројот на загрозени видови пеперутки се зголеми од 37 на 65, во споредба со последната ваква студија од пред 14 години.

„Покрај нивната убавина и културно значење, опрашувачите како пчелите и пеперутките се од витално значење за нашето здравје, прехранбен систем и економија, одржувајќи го растот на овошјето, зеленчукот и семето што нè хранат“, рече извршната директорка на IUCN, Гретел Агилар.

Меѓу причините за оваа криза се континуираното уништување или оштетување на живеалиштата на овие инсекти поради развојот на земјоделството, исушувањето на мочуриштата, прекумерното пасење на добиток и употребата на ѓубрива и пестициди, вклучително и неоникотиноиди.

Како што истакнуваат научниците, климатските промени и глобалното затоплување се важни причини за загрозувањето на инсектите.

Дури 52 проценти од сите загрозени видови пеперутки во Европа се изложени на ризик поради климатската криза, што е двојно повеќе отколку пред една деценија.

Комесарот за животна средина на ЕУ, Џесика Росвал, нагласи дека е потребна итна и колективна акција за борба против оваа закана.

„Заедно со земјите-членки, Европската комисија воспостави систем за следење на опрашувачите врз основа на прописите на ЕУ за зачувување на природата, што ќе ни помогне да го следиме напредокот што го постигнуваме. Треба да се фокусираме на имплементација и соработка меѓу земјите-членки за заштита на опрашувачите“, заклучи таа.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни