Движењето „Ниту една повеќе!“ повикува на блокада денес од 18 часот пред парк „Жена Борец“

Феминистичкото движење за слобода и правда на жените, „Ниту eдна повеќе!“ најавува блокада која ќе се одржи денес (25септември) од 18:00 часот пред паркот „Жена Борец“ во Скопје.

Се здружуваме за гласно и солидарно да зборуваме за еднаквост и живот без насилство.

Движењето е резултат на нашиот гнев – затоа што жените во оваа држава не се заштитени – и нашиот страв за тоа уште колку жени живеат во насилство или под ризик од насилство, чии крици за помош се задушени секој ден. Но, истовремено е и резултат на нашата храброст и одлучност: наместо да се плашиме која ќе биде следна, тука сме да кажеме дека нема да има ниту една повеќе!

Целта ни е да изградиме заедништво и решително да покажеме дека не може да се продолжи како досега – да покажеме надеж за иднина без насилство, но и должна правда за сите жртви кои не беа навремено заштитени.

Со блокадата сакаме да дадеме насока во која сметаме дека треба да се движат промените, но уште поважно – да оставиме простор за секој граѓанин да ни се приклучи, да каже гласно што мисли, како се чувствува и што треба да се подобри во системот. Не се потребни ниту експертиза, ниту професионално искуство – доволни се животното искуство, тагата и гневот кои сите ги чувствуваме. Преку размена во јавен простор да го канализираме нашиот колективен гнев и заедно да дискутираме за решенија наспроти институциите кои ги загрозуваат нашите животи.

Делуваме во женска солидарност за да повикаме на одговорност и промена – законска, институционална и општествена за ниту една повеќе да не биде жртва.

Ве повикуваме да ни се придружите и заедно да замислиме и изградиме поинаков свет – свет без насилство врз жени.

Со почит,

Феминистичко движење „Ниту една повеќе!“

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни