На многу начини, Алба Ахметај и Едлира Мара имаат обичен живот. Тие ги носат своите ќерки близначки на училиште и си играат со нив за време на викендите. Имаат идентични тетоважи на рамениците кои ги обележуваат нивните 14 години заедно.
Но, во борбата да бидат третирани како другите семејства, направија нешто несекојдневно. На 19 мај, заедно со нивните пријатели ја прославија нивната љубов на покривот на канцеларијата на градоначалникот во Тирана, разменија прстени и се венчаа.
Нивниот брак не е признаен од државата, бидејќи албанскиот закон не ги признава истополовите граѓански заедници. Ова предизвика гнев кај политичката десница и верските заедници. Но, за Алба и Едлира, тоа беше вистински израз на љубов и крик за еднаквост.
„Општеството никогаш нема да биде подготвено… Што значи ова? Дека не можам да живеам?“ рече Едлира по венчавката.
Албанија е позната по религиозната толеранција, но сите верски заедници се обединети во противењето на истополовите бракови. Кога плановите за венчавката станаа јавни, социјалните мрежи беа преплавени со заканувачки коментари, а полицијата ја обезбедуваше зградата за време на церемонијата.
Опозициските партии го користеа настанот за да го нападнат градоначалникот, обвинувајќи го за уништување на семејните вредности. Парот се соочува со долга борба за да ги добие истите права како хетеросексуалните парови.
Кога нивните ќерки се родија пред три години, сакаа и двете да бидат регистрирани како родители, но законот не го дозволуваше тоа.
„Нашето општество е многу патријархално и хомофобично“, рече Алба. „Ако видите коментари на Фејсбук или Инстаграм, ќе видите колку мала толеранција имаме како нација“.
Свадбата стана светла точка среде борбата. Пријателите им помогнаа да ги облечат големите бели венчаници и да ги подготват ќерките. Тие одеа држејќи ги рацете на своите ќерки, низ толпа пријатели кои фрлаа ливчиња од бели рози. Околу нив беа глетките на центарот на Тирана и планините.
„Ние се бориме против 90 отсто од населението“, рече Едлира.
Извор: https://www.reuters.com/investigates/special-report/albania-lgbt-family/