Светски ден на превенција од булинг

Две третини од учениците во средните училишта во Скопје биле жртви на булинг

Според Институтот за човекови прва, речиси две третини од учениците во средните училишта сметаат дека има врсничко насилство помеѓу учениците во нивното училиште, а околу една третина биле жртва на некоја форма на врсничко насилство во изминатата година. Најголем дел од искуствата со булинг се состоеле од навреди и исмевање, но не е мала и бројката на оние кои потврдиле дека биле жртва на физичко малтретирање (21%). Сексуалното вознемирување е споделено како искуство на учениците во мал број, сепак 100% од оние кои одговориле дека биле жртви на вакво насилство, биле девојчиња

Две третини од учениците во средните училишта во Скопје потврдуваат дека постои булинг помеѓу учениците во нивното училиште, покажало Истражувањето спроведено од Институтот за човекови права.

Физичкиот булинг, се посочува во истражувањето, е помалку раширен од вербалниот и невербалниот булинг, а ставот на учениците е дека најраспространет е булингот на социјалните мрежи. Во однос на причините за булинг, учениците навеле дека неможноста на жртвата да се спротивстави (без разлика дали тоа е вербално и физичко спротивставување) е една од главните причини за булинг.

„Учениците се согласни дека немоќта на жртвата да се заштити е една од главните причини за врсничко насилство и ова целосно се совпаѓа со теоретската позадина на односите на моќ во општеството, односно, врсничкото насилство, слично како и секое друго насилство, е многу повеќе однесување за покажување моќ, отколку за добивање некој друг резултат од истото“, се посочува во истражувањето.

Неодмна УНИЦЕФ ги објави резултатите од анкетата на U-Report за безбедноста на интернет, спроведена во 2023 година, според која една третина од децата и младите луѓе во Македонија доживеале булгинг преку интерннет. Од вкупно 400 испитаници 18 отсто сметаат дека основна причина зошто опстојува онлајн-насилството е недостиг од информации и знаење, а 41 отсто веруваат дека инсититуциите не го сфаќаат сериозно проблемот.

Според последните податоци (ДЗС, 2023) практично сите (100 отсто) млади на возраст од 15 до 24 години во нашата земја користат интернет и речиси сите (97 отсто) го користат секојдневно по неколкупати, се вели во извештајот на УНИЦЕФ.

Долгото време што децата го поминуваат на виртуелните платформи може да ги направи поранливи на сајбер-малтретирање и други форми на насилство од врсници, говор на омраза и изложеност на штетни содржини – во кои спаѓаат и пораки со кои се поттикнува самоповредување, па дури и самоубиство.

Комитетот за правата на детето, во својот најнов извештај од 2022 година ги поздравува мерките што ги презема земјата за справување со насилството врз децата, вклучително и законодавните реформи, усвојувањето на Националниот план за акција и ратификација на дополнителни меѓународни конвенции, но и ги повика институциите да преземат насочени активности како одговор на сексуалната злоупотреба и експлоатацијата на децата преку интернет.

Комитетот укажува на потребата од распределба на доволно човечки, технички и финансиски ресурси за спроведување на Националната стратегија за превенција и заштита на децата од насилство (2020–2025) и воспоставување систем за задолжително известување, истрага во која ќе се вклучат повеќе институции и која ќе биде сензитивна кон децата во сите случаи на насилство врз деца – вклучително и во дигиталната средина.

„Заштитата на децата од онлајн-насилство налага холистички пристап, синергија меѓу јавниот и приватниот сектор, како и вклучување и учество на младите. Неопходна е соработка меѓу секторите здравство, образование и заштита за да се реализира образовна програма за децата и родителите, вклучително и пристап до телефонска линија за помош, а службите во сите сектори треба да бидат информирани за доживената траума на децата со цел стручните лица да бараат предупредувачки знаци на насилство и соодветно да реагираат. Претпријатијата имаат одговорност да ги почитуваат и да ги поддржуваат правата на децата преку своите производи и услуги, и да се погрижат правото на децата на заштита од насилство да биде втемелено во нивната деловна практика“ пишува во извештајот на УНИЦЕФ.

Истражувањето спроведено од Институтот за човекови права го потврдува заклучокот дека булингот е редовна појава во животот на средношколците во Скопје. Речиси две третини од учениците во средните училишта сметаат дека има врсничко насилство помеѓу учениците во нивното училиште, а околу една третина биле жртва на некоја форма на врсничко насилство во изминатата година.

„Мнозинството сметаат дека само мал дел од булингот се пријавува, а најмногу се случува во основното училиште. Постои силна корелација меѓу полот и перцепцијата за случено врсничко насилство, при што девојчињата го имаат ставот дека булингот е повеќе застапен во нивното училиште. Слично како и кај дискриминацијата, овој факт може да се должи или на тоа што девојчињата имале повеќе искуство со булинг, или се посвесни и имаат капацитет да препознаат кога истиот се случува. Учениците се согласни дека немоќта на жртвата да се заштити е една од главните причини за врсничко насилство и ова целосно се совпаѓа со теоретската заднина на односите на моќ во општеството“, се посочува во истражувањето на Институтот за човекови права.

Најголем дел од искуствата со булинг се состоеле од навреди и исмевање (59% од учениците го одговориле ова), но не е мала и бројката на оние кои потврдиле дека биле жртва на физичко малтретирање (21%). Иако сексуалното вознемирување е споделено како искуство на учениците во мал број, сепак 100% од оние кои одговориле дека биле жртви на вакво насилство, биле девојчиња. 

Од година в година меѓуврсничкото насилство бележи тренд на зголемување во основните и средните училишта, покажува статистиката на Министерството за внатрешни работи.

Според податоците на МВР во периодот од 11 години, од 2012 година до средината на 2023 година, регистрирани се вкупно 1.189 случаи на насилничко однесување меѓу учениците. Најголем број се пријавени во текот на 2013 година-184, а најмал број е во текот на 2020 и 2021 година, кога всушност е и пандемијата, кога наставата се одвиваше онлајн. Според евиденцијата на МВР, најмногу случаи на насилничко однесување меѓу учениците има во Скопје и во Тетово.

Народниот правобранител во текот на 2022 година постапувал во девет случаи за меѓуврсничко насилство во училишта, сите во основни училишта. Во текот на 2021 година постапувале во 10 случаи за меѓуврсничко насилство во училишта, седум во основни училишта, три во средни.

Повеќе закони го регулураат врсничкото насилство. Некои од овие закони, особено оние од областа на образованието како Законот за основно образование и Законот за средно образование, експлицитно вклучуваат одредби за регулирање на врсничкото насилство/булинг, додека други пак ја регулираат материјата на превенција и заштита на децата од секој вид насилство, вклучително и од врсничкото насилство, онаму каде што може да се протолкува како такво. Дополнително, државата има изготвено повеќе национални стратегии, акциски планови и концепции во кои се предвидуваат активности и методи за искоренување на врсничкото насилство и за заштита на психо-физичкото здравје на децата, како што се Националната стратегија (2020-2025 година), проследена со Акциски план (2020-2022 година) за превенција и заштита на децата од насилство, Националната стратегија за млади, 2016-2025 година и Концепцијата за основно образование.

Во истражувањето на Институтот за човекови права се акцентира дека потребно е неодложно донесување на сите предвидени законски и подзаконски акти од областа на образованието, поврзани со врсничко насилство (булинг), дискриминација и говор на омраза. Исто така, потребно е да се превидат прекршочни глоби за раководните лица во образовните установи, доколку има непостапување во случаи на дискриминација, говор на омраза и врсничко насилство и да се подигне свеста и да се зајакнат капацитетите на наставниот кадар и на стручните служби за препознавање и за соодветно реагирање во случај на дискриминација, говор на омраза и/или врсничко насилство (булинг), преку стандардизирани обуки. Потребно е и да се преземат мерки од страна на училиштата за мотивирање на учениците да пријават случаи на дискриминација, булинг и говор на омраза, активно да се промовира  работата на стручните служби во училиштата (педагог и психолог), со цел да се намали стигмата за нивната улога како дисциплинска (казнива) мерка и да се промовира нивната психолошка и советодавна поддршка на учениците. Неминовна е и соработката меѓу училиштата и постоењето на мултисекторски пристап кон решавање на проблемите со дискриминација, говор на омраза и врсничко насилство, се препорачува во истражувањето на Институтот за човекови права.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Најново

Последни колумни