Односите меѓу Индија и Пакистан значително и нагло се влошуваат по смртоносниот напад на милитанти во индиската административна област Кашмир, што предизвика одмазднички мерки и зголеми стравувања од нова воена ескалација меѓу ривалите со нуклеарно оружје.
Индија и Пакистан контролираат делови од Кашмир, но двете држави го сметаат целото подрачје за свое. Поради оваа планинска област веќе водеа три војни, последната во 1999 година. Пред шест години, индиските воздухопловни сили бомбардираа цели во Пакистан откако прекуграничен напад од милитанти усмрти најмалку 40 индиски паравоени сили во делот на Кашмир под индиска контрола.
Од 26 убиени туристи во нападот во вторникот, сите освен еден биле индиски државјани. Њу Делхи веднаш го обвини Пакистан, ги намали дипломатските односи и ја суспендираше соработката во клучен договор за распределба на води.
Пакистан негираше каква било вмешаност и порача дека секој обид за запирање или пренасочување на вода која му припаѓа ќе се смета за чин на војна.
Индискиот премиер Нарендра Моди вчера вети дека ќе ги гони напаѓачите „до крајот на светот“, додека Обединетите нации ги повикаа двете страни на „максимална воздржаност“.
Што се случи во вторникот?
Наоружани напаѓачи отворија оган врз туристи во Пахалгам, популарна дестинација во индискиот Кашмир. Најмалку 25 Индијци и еден државјанин на Непал беа убиени во масакр кој се случи во долина достапна само пешки или на коњ.
Очевидци опишуваат сцени на ужас додека напаѓачите се приближувале и пукале од блиску.
Сведоци раскажуваат дека мажите биле одделени и целно нападнати. Некои преживеани за локални медиуми рекле дека напаѓачите ги обвиниле жртвите за поддршка на премиерот Моди.
Модиевата хинду-националистичка влада во 2019 година ја укина уставната автономија на мнозински муслиманскиот Кашмир, ставајќи го под директна контрола на Њу Делхи, што предизвика масовни протести.
Кашмир е точка на тензии меѓу Индија и Пакистан уште од нивното осамостојување од Британија во 1947. Двете држави, создадени од поделбата на Британска Индија – хиндуистичка Индија и муслимански Пакистан – го бараат целиот Кашмир. Неколку месеци по независноста, започна првата од трите војни за оваа територија.
Денес регионот е едно од најмилитаризираните места во светот.
Децении наназад, разни домашни милитантни групи, кои се борат за независност или припојување кон Пакистан, се судруваат со индиските безбедносни сили. Десетици илјади луѓе ги загубија животите. Индија тврди дека Пакистан ги поддржува овие групи, што Исламабад негира.
Одговорноста за нападот ја презеде групата Kashmir Resistance (позната и како The Resistance Front – TRF) преку социјалните мрежи, изразувајќи незадоволство од демографските промени. TRF е релативно нова милитантна група, која за првпат се појави во 2019 година преку апликацијата Telegram, преземајќи одговорност за напад со рачна бомба во градот Сринагар.
Индија ја прогласи TRF за терористичка организација и ја поврзува со забранетата исламска група Lashkar-e-Tayyiba, која стои зад нападите во Мумбај во 2008 година. Полицијата во Кашмир вчера издаде потерници за тројца осомничени, од кои двајца се државјани на Пакистан, според полицијата. Не е објавено како се идентификувани.
Индија ги оправдува своите мерки како реакција на наводната поддршка од Пакистан за прекуграничен тероризам. Затворен е клучен граничен премин, дополнително се ограничени визите за Пакистанци, а протерани се и воените советници од пакистанската амбасада во Њу Делхи.
Суспендирано е и учеството во Договорот за водите на реката Инд – клучен договор меѓу двете земји од 1960 година кој регулира поделба на водите од огромниот речен систем што тече низ Тибет, Кина, индиски Кашмир и Пакистан. Пакистан порача дека секој обид за запирање на вода што му припаѓа ќе се смета за чин на војна.
По индиските мерки, Пакистан вчера објави дека ја суспендира трговијата со Индија, го затвора својот воздушен простор и ги протерува индиските дипломати, нарекувајќи ги потезите на Индија „еднострани, неправедни, политички мотивирани и без правна основа“.
Напнатоста расте додека индиските безбедносни сили трагаат по осомничените. Индиската војска објави дека нејзините сили биле во вооружен судир со милитанти во округот Бандипора, северно од Сринагар.
Во меѓувреме, началникот на индиската војска, генерал Упендра Двиведи, најави посета на Кашмир за „проценка на безбедносната ситуација“.
Сите очи сега се вперени кон тоа како ќе реагираат Њу Делхи и Исламабад. Аналитичарите стравуваат од можна воена ескалација. Министерот за одбрана на Пакистан изјави за Sky News дека конфликтот околу масовното убиство во Кашмир може да доведе до „севкупна војна“, и дека Индија „го инсценирала нападот“.