Две македонски организации ќе презентираат свои демократски иницијативи на овогодинешниот Светски форум за демократија организиран од Советот на Европа во Стразбур.
Светскиот форум за демократија е уникатна платформа за носители на политички одлуки и активисти за да се дискутираат решенија за клучните демократски предизвици во светот. Со идентификација и анализа на инцијативи и практики спроведувани низ светот, Форумот мотивира и инспирира демократски иновации и нивно пренесување на системско ниво.
Оваа година темата на Форумот се фокусира на борбата со дезинформациите и надминување на политички разлики кои резултираат со поделби во општествата.
Помеѓу иницијативите на Форумот оваа година има две иницијативи спроведени од граѓански организации од земјава.
Ардита Вејсели од Институтот за европска политика (ЕПИ) – Скопје ќе ја презентира нивната иницијатива за консултации и информирање на граѓаните што овозможува простор за дијалог и вклучување на граѓаните во креирањето на политиките. Дебатните настани организирани од ЕПИ вклучуваат граѓаните, претставници на институциите, граѓанските организации, медиумите и политичките партии во структуриран дијалог за најважните политички прашања.
Втората иницијатива од Македонија ќе ја презентира Ивана Симјаноска од ЗИП Институтот за политика и добро владеење. Тие ќе ја презентираат иницијативата за Климатско собрание во Скопје, првото граѓанско собрание одржано во земјава. Тоа претставува иновативна демократска платформа што го мотивира граѓаните отворено да дебатираат за да оформат препораки за прашањата за загадувањето на воздухот и политиката за заштита на животната средина.
Освен претставувањето на граѓанските иницијативи, на форумот ќе се разгледаат и начините за зголемувања на јавната свесност за опасностите од популизмот врз темелните права и слободи.