Операта „Травијата“, ремек-дело на Џузепе Верди на 27 и 31 октомври ќе биде изведена во Националнта опера и балет. Претставите се закажани во 20 часот. Диригент е Бисера Чадловска, режијата е на реномираната германска режисерка Верена Штојбер, сценограф и костимограф е Софија Шнајдер од Германија, а кореограф – Саша Евтимова.
– Еден од темелите на светскиот оперски репертоар, партитурата на „Травијата“ изобилува со фантастични музички сегменти што уживаат огромна популарност на оперските и концертни подиуми ширум светот. Токму генијалната музика, но и комплексното „безвременско“ либрето и живописните ликови кои зборуваат за универзалноста на човековата природа ја сместуваат „Травијата“ меѓу најпопуларните и истовремено најинтимни оперски ремек-дела на Џузепе Верди.
Настапува врвна домашна солистичка екипа: Ана Дурловски (27 октомври) / Билјана Јосифов (31 октомври), Благој Нацоски, Марјан Јованоски, Марика Поповиќ, Александра Лазарoвска Василевски, Васко Здравков, Драган Ампов, Дејан Стоев, Борко Биџовски, Игор Гиновски, Тихомир Јакимовски, оркестарот, хорот и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет.