Денеска во Белград се одбележува втората годишнина од трагичниот настан во основното училиште „Владислав Рибникар“, кога на 3 мај 2023 година ученик од училиштето уби девет деца и еден училишен чувар, а неколку други беа ранети.
Комеморативни собири се одржуваат во главниот град на Србија, со почеток во 8.40 часот пред училиштето, како дел од активностите организирани од Мултидисциплинарниот тим за основање на Меморијалниот центар во спомен на жртвите.
Во текот на денот, граѓаните ќе можат да положат цвеќе и да палат свеќи во центарот на Белград и да се потпишат во книгата на спомени. Одлуката за обележување на 3 и 4 мај како Денови на сеќавање на жртвите на масовните убиства во Србија беше донесена од Владата на Србија на 19 септември 2024 година.
На 4 мај 2023 година, само еден ден по трагедијата во „Владислав Рибникар“, уште едно масовно убиство се случи во Мало Орашје и Дубона, кога Урош Блажиќ уби девет лица, а 12 други беа тешко повредени.