Две деца загинаа во експлозија на станбена зграда во Франција

Две мали деца, на возраст од три и пет години, го загубија животот во експлозија што се случи во приземјето на станбена зграда во градот Треву, во францускиот департман Ен, соопштија локалните власти.

Експлозијата се случила околу 17:30 часот во четирикатна зграда со околу 20 станови. И покрај брзата интервенција на итната медицинска помош, децата починале по обидите за реанимација. Градоначалникот на Треву потврди дека станува збор за брат и сестра.

Во инцидентот се повредени повеќе лица, од кои десет биле згрижени поради полесни повреди и пренесени во болници во регионот, додека уште три лица самостојно побарале медицинска помош.

Според локалните власти, во станот каде што дошло до експлозијата се наоѓала жена со три деца. Таа и најстарото дете преживеале, додека двете помали деца подоцна им подлегнале на повредите.

Околу 30 лица биле евакуирани од зградата, а голем дел од нив биле во состојба на шок. Пожарникарските и спасувачките служби, со поддршка на специјализирани тимови, интервенирале на терен до доцна вечерта.

Експлозијата предизвикала и значителна материјална штета. Оштетени се и две блиски училишта, а локалните власти најавија психолошка поддршка за учениците. Иако зградата не се урнала, надлежните информираат дека нејзината конструкција е сериозно ослабена.

Извор:N1info.rs

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни