Според соопштението, Детската болница „Ал-Рантиси“ била сериозно оштетена пред неколку дена во воздушен напад, а поради нови напади затворена е и Очната болница.
„Ниту една од здравствените установи нема безбедни пристапни рути што им овозможуваат на пациентите и повредените да стигнат до нив“, наведува Министерството, пренесе Ројтерс.
Израел засега нема дадено коментар.
По речиси две години војна, Израел го нарекува градот Газа „последен бастион“ на палестинскиот Хамас, против кој тврди дека води воени операции. Израелската војска во копнените напади уништува станбени блокови за кои вели дека се користени од Хамас.
Становници изјавиле дека тенковите напредувале подлабоко во областа Шеик Радван и улицата Џала во северниот дел на Газа, каде што се наоѓаат двете сега затворени болници. Во Тел ал-Хави, на југоистокот, тенковите се придвижиле кон западните делови на градот.
Извештаите велат дека израелските сили далечински детонирале возила наполнети со експлозив за да уништат десетици куќи одеднаш во двете области.
На денешниот состанок во воениот штаб во Тел Авив со министерот за одбрана Израел Кац и началникот на Генералштабот Ејал Замир, премиерот Бенјамин Нетанјаху ја потврдил својата решителност да „елиминира Хамас“, да обезбеди ослободување на преостанатите заложници и да спречи Газа повторно да претставува закана за Израел, соопшти неговиот кабинет.
Офанзивата дополнително ги вознемири семејствата на заробените од Хамас во Газа, кои беа киднапирани пред почетокот на војната. Се смета дека дваесет од вкупно 48 заробени сè уште се живи.
Локалните здравствени власти денеска соопштија дека најмалку 25 лица загинале низ целата енклава, најголемиот дел во градот Газа.
Извор: N1info.rs