Филипински алпинист загина во средата, додека индиски алпинист го загуби животот во четвртокот додека се искачувале на врвот на Хималаите, Монт Еверест, објавија денеска организаторите на експедицијата.
Филипинецот починал во највисокиот логор на планината, а Индиецот еден ден подоцна додека се спуштал од врвот висок 8.849 метри.
Повеќе од 300 луѓе го загубија живот на Монт Еверест од 1953 година, кога Едмунд Хилари од Нов Зеланд и неговиот помошник, Шерпасот Тензинг Норгај од Непал, првпат се искачија на врвот.
Директорот на непалската компанија „Сноуи Хорајзон Трек енд Експедишн“, која ја опреми и организираше експедицијата чии двајца членови починаа оваа недела, рече дека сè уште не е одлучено дали и кога нивните тела ќе бидат вратени од планината.
Извлекувањето на телата од заледените падини е скап и тежок потфат што бара ангажирање многу луѓе.
Пролетната сезона на искачување започнува во март и завршува кон крајот на мај.