Два полициски кордони ги разделуваат фашистите и антифашистите во центарот на Белград

Два полициски кордони вечерва ги разделуваат ултрадесничарите и антифашистите во центарот на Белград. Антифашистите порачаа: „Фашизмот нема да помине“.
Полициски кордон во Србија
фото: Реља Јарковачки

Два полициски кордони вечерва ги разделуваат припадниците на ултрадесничарски групи и антифашистите во центарот на Белград, каде се одржуваат паралелни собири со спротивставени пораки, јавува Фонет.

Припадници на ултрадесничарска група се собраа во Симина улица, во близина на местото каде што во 1946 година самоубиство извршил Милан Недиќ, претседател на т.н. Влада на народниот спас за време на Втората светска војна. Тие претходно повикаа на одбележување на годишнината од неговата смрт.

Во исто време, од 19 часот, на истата локација се собраа и антифашисти, кои со пораки и извици се спротивставуваат на обидите за рехабилитација на Недиќ. Меѓу двете групи се поставени два кордони на полицијата со цел да се спречат инциденти.

Како што јавува репортерот на Фонет, на собирот на антифашистите се слушаат пораките „Фашизмот нема да помине“ и „Смрт на фашизмот, слобода на народот“.

Еден од говорниците истакна дека собирот е организиран како протест против комеморацијата на човекот кој, според него, „ги испишал најмрачните страници на српската историја“.

„Тука сме затоа што неговите идеолошки следбеници од денешните неонацистички организации сакаат токму на ова место да слават една од најмрачните историски фигури во Србија“, порача говорникот.

Засега нема информации за инциденти или приведувања.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни