Земјотресите на Санторини од почетокот на годината на научниците им ја открија тајната закопана со километри длабоко во Земјината кора.
На почетокот на годината, ритамот на егејските бранови беше нарушен од серија земјотреси на Санторини – остров што лежи на работ на една од најактивните вулкански зони во Европа. За многу граѓани, тоа беше само уште едно тресење на земјата, но за научниците, тоа беше покана за подетална анализа, односно сигнал дека нешто се движи во утробата на островот.
Санторини е создаден од експлозија што го преобликуваше Егејот пред повеќе од три и пол илјади години и придонесе за падот на минојската цивилизација. Иако поминаа неколку векови од тогаш, земјата под островот никогаш не застана.
Откритие за поврзаноста на Санторини и Колумбо
Во текот на зимата и раната пролет 2025 година, сеизмолозите регистрираа серија помали земјотреси што се протегаа од калдерата на Санторини па сè до североисточните делови на морето во близина на островот.
Со истражување на овие настани, откриено е дека вулканската калдера на Санторини не е изолиран вулкански систем. Само седум километри оддалеченост, под површината на морето, се наоѓа Колумбо – вулкан кој последен пат еруптирал во 1650 година, испраќајќи токсични облаци и деструктивни бранови кон брегот. Научниците долго време верувале дека двата вулкани се посебни феномени, но податоците собрани со сонар, GPS уреди и подводни роботи откриваат поинаква приказна.
Тим истражувачи од германскиот Центар за геолошки науки Хелмхолц во Потсдам и сеизмолошките станици откриле дека Санторини и Колумбо делат иста подземна мрежа на магма. Ова значи дека притисокот и движењето на магмата во едната комора можат да влијаат на другата.
Од јули 2024 година, земјата на Санторини почнала малку да се издига, што укажува на акумулација на магма. Потоа, на почетокот на 2025 година, биле регистрирани чести помали земјотреси, кои се движеле од Санторини кон Колумбо. Во истиот период, GPS мерењата покажале дека обете вулкански структури истовремено „се спуштиле“ малку, како да испуштиле притисок заедно.
Оваа синхронизирана промена беше клучен показател: Санторини и Колумбо не се два одделни вулкани, туку два отвори на истиот вулкански систем, поврзани на длабочина од неколку километри. Откритието го менува начинот на кој научниците ја гледаат вулканската активност низ Егејското Море.
Заедничко „срце“
За вулканолозите, ова откритие покренува нови прашања и загрижености. Ако Санторини и Колумбо се поврзани, тогаш промената на притисокот во едниот од нив може да предизвика верижна реакција во другиот. Ова значи дека сеизмичката активност под морето може да биде ран знак не само за подводни ерупции, туку и за потенцијално будење на самата калдера Санторини.
Досега нема знаци за непосредна ерупција – но овие потреси се предупредување дека тлото се менува, според експертите. Под мирната површина на Егејското Море, каде што сончевата светлина се разлева врз белите ѕидови и тиркизните длабочини, сè уште постои будна сила што некогаш го создала и уништила островот, но и цела цивилизација – минојската.