Два сеизмички потреси со јачина од 4,5 и 4,2 степени по Рихтер, се забележани во областа помеѓу островите Аморгос и Санторини во Грција, соопштено е денес од Геодинамичкиот институт на Националната опсерваторија во Атина, а пренесува Катимерини.
Како што се наведува, во 01:08 часот наутро е забележан земјотрес јачина од 4,5 степени Рихтерова скала на 23 километри во правец југ-југозапад во однос на островот Аморгос.
Не многу порано, синоќа во 22:55 часот, истата област била погодена од земјотрес јачина 4,2 степени.
Институтот ги карактеризирал двата потреса како „слаби“.
Катимерини потсетува дека низата земјотреси во оваа област трае од 26-ти јануари и дека од тогаш се забележани повеќе од 16.900 потреси посилни од еден степен Рихтерова скала.
На повеќе острови во регионот е воведена вонредна состојба која ќе трае до 14-ти март.
Два земјотреси ја погодија и Хрватска во текот на ноќта, еден близу Загреб, а другиот близу Задар, објави Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар.
Првиот потрес, јачина 1,8 степени Рихтерова скала, е забележан синоќа во 23:46 часот недалеку од Загреб, а епицентарот бил на 16 километри од Запрешиќ.
Не долго потоа, е забележан и вториот потрес околу 00:05 часот во северна Далмација, на два километра од Бенковец кај Задар, и тој бил јачина 3,5 степени.
Хрватската цивилна заштита соопшти едека нема повредени ниту причинета материјална штета, пренесе порталот Индекс.