Два грчки острови се хит за јуни: Без гужви, пониски цени и топло море

Доколку сакате што побрзо да заминете на одмор, поточно во јуни грчките острови се вистинскиот избор

Времето е идеално, помеѓу 25 и 30°C, морињата се веќе топли, а гужвите се уште не пристигнале. Цените се поповолни отколку во јули и август, а природата и плажите се чудесни. Истакнуваме два острова во Грција кои нудат и релаксација и авантура во јуни 2025 година.

Закинтос – остров со недопрена природа

Закинтос е вистински скапоцен камен на Јонското Море, остров кој комбинира драматични пејзажи со спокојството на медитеранскиот ритам. Најпознатата плажа Навахо е една од најфотографираните во Грција – златниот песок, потонати бродови и тиркизната вода сместени меѓу стрмните карпи создаваат сцена за паметење.

Пливањето низ сините пештери, истражувањето на карпите Кери и пловењето по мирните води на јужниот брег откриваат сосема поинаква Грција, тивка, сурова и волшебна. На плажата Геракас, во рамките на Националниот морски парк, можете да видите ретки морски желки Caretta-caretta како ги несат своите јајца. Закинтос е совршен за оние кои сакаат да се поврзат со природата, но и да уживаат во грчката кујна и топлината на локалното население.

Родос – историјата и морето во најдобра комбинација

Ако сте љубител на историјата, но не можете да го замислите летото без кристално чистото море, Родос е вистинското место за вас. Островот се наоѓа во југоисточниот дел на Егејското Море и е едно од најсончевите места во Европа. Стариот град на Родос е под заштита на УНЕСКО и се чини како времето да застанало – тесните улички со калдрма, високите ѕидови, улицата на витезите и прекрасната палата на Големиот мајстор ве водат директно во средниот век. На југот на островот, селото Линдос со своите бели куќи и византиската акропола нуди неверојатен поглед.

За оние кои ја сакаат природата, ги препорачуваме термалните бањи на Калитеа и ридот Монолитос, кој нуди прекрасен поглед на морето. Долината на пеперутките, која секоја година во јуни се претвора во вистински мал рај исполнет со илјадници пеперутки, ќе ги воодушеви и децата и возрасните. Родос е остров на кој можете да се изгубите во историјата преку ден и да уживате во погледот на морето со грчко вино и звуците на бузуки навечер.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни