Вчера на хируршките клиники беше изведена уште една трансплантација на органи од починат донор, соопштија од Министерството за здравство. Благодарение на хуманиот чин, храброста и емпатијата на едно семејство кое одлучи да даде согласност за донирање на органите од свој близок, двајца пациенти со ретка крвна група добија бубрег и ќе продолжат да живеат нормален живот, без потреба од дијализа.
-Во текот на изминатото деноноќие извршивме трансплантација од починат донор. Изразувам посебна благодарност до семејството на донорот, кои во најболен момент на лична загуба се одлучија да ги донираат органите, покажувајќи силна емпатија и човекољубие кон пациентите кои чекаат трансплантација. Пациентите што примија органи се со уреден постоперативен тек. Им посакувам брзо закрепнување и долг живот. Изразувам благодарност и до медицинските тимови од сите клиники кои беа вклучени во процесот на трансплантација – изјави проф. д-р Билјана Кузмановска, национален координатор за трансплантација.
Од МЗ додаваат дека, за жал, поради ретката крвна група, овој пат на националните листи немаше приматели за другите органи.
-Трансплантацијата за најголем дел од пациентите е единствена шанса за живот. За други, пак, е можност за поквалитетен живот. Но, таа не може да се случи доколку не постои актот на органодарување. Само благодарение на храброста, несебичноста и емпатијата на семејствата на донорите, трансплантацијата е возможна. Да се подарат органи, значи да се подари некому втора шанса за живот – стои во соопштението.