Сè уште не е познато колку контаминација со трајни хемикалии може да им наштети на природата и на животните, но истражувачите предупредуваат дека може да го наруши имунолошкиот и репродуктивниот систем.
Морските цицачи не се имуни на токсичните „вечни хемикалии“, дури и ако живеат под површината на океанот покажува новото истражување објавено во списанието Science of the Total Environment, кое предизвика тревога откако кај океанските делфини и китови беа пронајдени „невидени“ нивоа на контаминација со полифлуороалкилни супстанции (PFAS).
Ова се вештачки хемикалии што се наоѓаат во производи како што се ткаенини отпорни на дамки, садови за готвење што не лепат (тефлон) и пакување храна.
Не можеме да се скриеме од PFAS
Иако многумина претпоставуваат дека големите длабочини обезбедуваат заштита од PFAS, научниците откриле дека самото живеалиште е лош показател за нивоата на контаминација.
До ова сознание дојдоа откако анализираа ткива на 127 животни меѓу 16 видови забести китови и делфини во водите на Нов Зеланд. Меѓу нив беа и балските китови.
За осум од 16-те видови, вклучувајќи го ендемскиот новозеландски Хекторов делфин и три видови клунови китови, ова беше прва проценка на контаминацијата со PFAS на глобално ниво.
Морскиот еколог и раководител на истражување во Лабораторијата за екологија на морските ‘рбетници на Универзитетот во Волонгонг, д-р Кетрин Питерс, објаснува дека овие животни се избрани затоа што китовите и делфините често се сметаат за „индикаторски видови“ што ја одразуваат состојбата на целиот екосистем.
„Очекувавме дека видовите што се хранат главно во длабока вода, како што се грбавите китови, ќе имаат пониски нивоа на PFAS од крајбрежните видови што се поблиску до изворите на загадување. Сепак, нашите анализи покажуваат дека тоа не е случај. Навистина се чини дека не можете да се скриете од вечните хемикалии“, изјави таа.
Закана за морскиот биодиверзитет
Сè уште не е познато колку контаминација со трајни хемикалии може да им наштети на природата и на животните, но истражувачите предупредуваат дека може да го наруши имунолошкиот и репродуктивниот систем.
Уште во 2022 година, научниците открија автоимуни нарушувања слични на лупус кај алигаторите што живеат во загадените води на Северна Каролина.
Кај луѓето, PFAS денес ги контаминира организмите на речиси сите Европејци, вклучувајќи ги децата и бремените жени, и е поврзан со низа здравствени проблеми како што се рак, неплодност, заболувања на тироидната жлезда и намален имунитет.
„Дури и видовите што живеат далеку од брегот и нуркаат на големи длабочини се изложени на слични нивоа на PFAS, што покажува колку е распространето загадувањето. Во комбинација со стресорите предизвикани од климатските промени, ова претставува зголемена закана за морскиот биодиверзитет“, додава коавторот на студијата, д-р Фредерик Салтре, истражувач на Технолошкиот универзитет во Сиднеј (UTS) и Австралискиот музеј.
Студијата заклучува дека сега се потребни повеќе истражувања.
