Европскиот проект за истражување на алкохол и други дроги кај ученици (ESPAD):

Дури 65 отсто од македонските тинејџери на возраст од 15 до 16 години пробале алкохол

Според најновиот извештај од ESPAD, речиси 65 отсто од тинејџерите на возраст од 15 до 16 години пробанле алкохол.

И покрај тоа што европските тинејџери сè почесто се откажуваат од алкохол и цигари, забележителен е растот на вајпирањето и употребата на канабис. Слични трендови се забележуваат и во земјава, каде новите податоци покажуваат комплексна слика за навиките на младите.

Според најновиот извештај од Европскиот проект за истражување на алкохол и други дроги кај ученици (ESPAD), речиси 65 отсто од македонските ученици на возраст од 15 до 16 години имаат пробано алкохол. Иако тоа е нешто под европскиот просек, загрижува фактот што половина од нив пијат редовно, а секој петти признал дека се напил до точка на интоксикација во последниот месец.

Употребата на цигари исто така е значајна, дури 55 отсто од учениците барем еднаш запалиле цигара, додека 37 отсто пушат редовно. Истовремено, е-цигарите (вејпови) сè повеќе добиваат популарност, особено меѓу девојчињата, иако конкретни податоци за Македонија за оваа категорија сè уште се ограничени.

Податоците покажуваат дека околу 6,1 отсто од тинејџерите во Македонија имаат пробано марихуана, што е под европскиот просек од 12 отсто, но со тренд на пораст. Употребата на нелегални дроги како екстази, амфетамини и хероин засега е ретка, но присутна.

Дополнително, повеќе од половина од испитаниците сметаат дека алкохолот е лесно достапен, а 38 отсто истото го велат и за цигарите. Ова укажува на слаба примена на законите за продажба на алкохол и тутун на малолетни лица и остава простор за дополнителна регулатива.

Иако трендовите на намалување на традиционалната употреба на алкохол и цигари се охрабрувачки, тие се паралелно придружени со зголемена достапност на алтернативни супстанции и нови форми на зависност. Експертите алармираат дека е неопходна поактивна превенција, особено преку образовниот систем и примарната здравствена заштита.

Превентивните програми, едукацијата во училиштата на тинејџерите и поголема соработка помеѓу институциите се клучни за справување со ризичното однесување кај младите. Само со координиран пристап може да се одговори на современите предизвици кои ја загрозуваат здравствената и менталната добросостојба на новите генерации.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни