Думани: Минатата година запленивме имот вреден 65,5 милиони евра, 33 поранешни високи функционери се под истрага

Во Албанија лани запленет имот вреден 65,5 милиони евра

Во текот на 2024 година во Албанија биле запленети 65,5 милиони евра, што е зголемување од 60 отсто, во споредба со 2023 година, вклучувајќи недвижнини, банкарски средства и средства од криптовалути.

Ова го изјави првиот човек на Специјалното обвинителство против корупција и организиран криминал (СПАК), Алтин Думани, пред парламентарната законодавно-правна комисија, презентирајќи го извештајот за минатата година.

„Во текот на 2024 година, СПАК ги следеше препораките на ЕУ, резолуцијата на Собранието и приоритетните препораки на владата во борбата против корупцијата и криминалот. Бројот на обвинители се зголеми на 20, а се зголеми и меѓународната обука. Бројот на случаи што се истражуваат се зголеми за 8 отсто“, рече Думани.

Додаде дека во ноември минатата година било одобрено упатството за административни мерки и постапки за спроведување имотни и финансиски истраги, кое се спроведувале паралелно со кривичната истрага.

Шефот на СПАК нагласи дека институцијата што ја води значително го зголемила бројот и квалитетот на истрагите за корупција, во кои се опфатени 33 поранешни високи функционери.

„СПАК ги спроведе препораките за борба против корупцијата, бројот и квалитетот на истрагите за корупција значително се зголемија, при што 33 поранешни високи функционери беа гонети, а 19 случаи беа испратени на суд“, додаде Думани.

Ова е негов последен извештај како прв човек на СПАК, бидејќи мандатот му завршува во декември.

На оваа функција беше избран во средината на декември 2022 година, со тригодишен мандат без право на реизбор. 

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни