Дума и Росоклија ги демантираат тврдењата за „трговија со мозоци“

Научна соработка, етички одобренија и грант за истражување – професорите од Колумбија одговорија на медиумските шпекулации.

Професорите д-р Алексеј Дума и д-р Горазд Росоклија, специјалисти по неврологија, невропатологија и психијатрија на Универзитетот Колумбија во САД, јавно ги демантираа тврдењата на дел од македонските медиуми кои научната соработка меѓу институции од Македонија и САД, спомената во дел од објавените документи поврзани со Џефри Епштајн, ја квалификуваа како „трговија со мозоци“.

Во изјава за емисијата „Топ тема“ на Телма, професорот Горазд Росоклија појасни дека станува збор за грант од фондацијата на Епштајн, наменет за поддршка на научен проект во кој мозочни ткива биле користени за истражување на причините за невролошки заболувања. Истражувањето, како што нагласи, било насочено кон подобро разбирање на болести поврзани со нервниот систем и мозокот.

Росоклија истакна дека за земањето и користењето на ткивата биле обезбедени сите неопходни етички одобренија, како и писмени согласности од семејствата на починатите лица. Според него, кореспонденцијата со Џефри Епштајн се однесувала исклучиво на обезбедување финансиска поддршка за научната работа, што е вообичаена пракса во меѓународните истражувачки проекти.

Сличен став изнесе и професорот д-р Алексеј Дума во изјава за ТВ 24, нагласувајќи дека станува збор за медицинско-научно истражување спроведено според меѓународни стандарди и преку официјални институционални канали.

Дума, кој во дел од медиумските шпекулации е посочен како тогашен директор на Институтот за судска медицина, појасни дека транспортот на мозочни примероци од починати лица од Македонија до САД бил реализиран исклучиво за научни цели, преку официјални летови, со целосна документација, како и со царински и институционални контроли и во Македонија и во САД.

Во настапот на Телма, Дума не ја исклучи можноста грантот од фондацијата на Епштајн да бил мотивиран и од даночни олеснувања, што, како што посочи, е вообичаена пракса во САД. Сепак, тој нагласи дека тука завршува секоја негова поврзаност со финансирањето и дека нема никаква основа за тврдењата за нелегален или неетички транспорт на биолошки материјал.

Со овие јавни изјави, двајцата професори ги отфрлија сензационалистичките интерпретации и посочија дека станува збор за регуларна научна соработка, спроведена со почитување на етичките и правните стандарди, а не за практика што може да се квалификува како „трговија со мозоци“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни