Дуке Бојаџиев: Успехот е слобода, а не видливост

Дуке Бојаџиев свири на клавир
Photo by Steven Crawford - NYC - 2023

Дуке Бојаџиев никогаш не припаѓал на едно место, ниту на една сцена. Неговиот живот се движи меѓу Скопје, Њујорк, Париз и Лисабон, а неговата музика – меѓу тишината, интуицијата и длабоката емотивна архитектура. Во разговор за Трн, Бојаџиев зборува за звукот како лек, за соработките што не бараат многу објаснување, за напуштената медицина и за слободата како единствена вистинска дефиниција на успехот. Во време на брзина и алгоритми, ова е разговор за тоа зошто е важно повторно да научиме да слушаме.

Трн: Твојот стил на живеење, со постојано менување простори, повеќе потсетува на Корто Малтезе отколку на класична биографија на еден уметник: не како бегство, туку како избор да не се закотви засекогаш на едно место. Во таа мобилност, создаваш музика што не припаѓа на трендови или сцени, туку повеќе на состојби. Што има позади хоризонтот и дали мислиш дека го најде твоето пристаниште?

Дуке: Јас сум воден од љубопитност и авантуристички дух. Огромна инспирација наоѓам во истражувањето на нови култури и традиции, тие ми отвораат нови хоризонти и природно стануваат дел од мојата музичка креација.

Иако речиси 27 години живеам надвор од Македонија, никогаш не сум ја изгубил врската со мојата земја, култура и традиција. Напротив, ги носам со себе и се чувствувам како нивен претставник, како еден вид културен амбасадор. Македонскиот мелос е постојан дел од мојата инспирација и мојот звук.

Досега сум живеел две години во Бостон, осумнаесет во Њујорк, две во Париз, две во Ибица и последните две и пол во Лисабон, и никаде не сум почувствувал дека тоа е финално пристаниште. Оваа година се враќаме на некое време во Македонија, најмногу за моите деца да ја почувствуваат културата одблизу. Иако никогаш не живееле таму, тие зборуваат перфектно македонски и со огромна возбуда ја доживуваат оваа нова авантура. 

Трн: Твојата музика се движи меѓу современата класична, амбиенталната и филмската форма, со силен фокус на емотивната архитектура и оставањето простор за слушателот. Иако живееш надвор од Македонија, твојот звук останува длабоко врзан со личниот и културниот контекст од кој потекнуваш. Дали е Дуке во суштина носталгичен тип кој сака да се врати назад или си го носиш поднебјето со себе, каде и да си?

Дуке: Искрено, никогаш не сум чувствувал носталгија. На некој начин, секаде се чувствувам како дома, a поднебјето го носам со себе. Лесно се мешам со различни култури и низ годините стекнав пријатели од целиот свет.

Се доживувам како планетарно битие со длабоки корени во Македонија, и моите деца ги воспитувам во тој дух. Македонското влијание во мојот човечки и уметнички развој е клучно за мојата автентичност, а токму таа автентичност е најважна кога човек комуницира со светот. Да се биде уникатен и искрен, и како човек и како автор.

Photo by Anna Mouchref

Трн: Филмската музика бара да бидеш присутен, а невидлив. Дали тоа ти одговара како уметничка позиција? Постои ли сцена или филм за кој чувствуваш дека музиката ти „се случила“, а не си ја контролирал?

Дуке: Да се биде присутен, а воедно и невидлив, е суштината на филмската музика. Приказната го носи филмот, а музиката е поддршка што му дава длабочина и емотивен контекст. Со самиот избор да работам во ова поле, значи дека сум го прифатил и го разбирам тој пристап. Секако, тоа не важи кога работам музика надвор од филмската форма.

Генерално, музиката ми се „случува“. Така работам уште од дете. Креативните моменти ги доживувам како состојби без интелектуална контрола, чиста интуиција претворена во звук. Уметноста е во тоа креаторот да научи како да се оддели од своето его и да дозволи интуицијата да помине низ него.

Од секогаш ме фасцинирал начинот на кој Никола Тесла ги создавaл своите инвенции, визиите му доаѓале први, а логиката ја наоѓал подоцна. Тој е редок пример на научник со интуитивен пристап. Интелектот е неопходен во вториот чекор, кога визијата веќе постои и треба да се обликува во форма со практична примена.

Тоа важи и за уметноста: вистинската креација е интуитивна и спонтана, а задачата на уметникот е да ја канализира во форма што може да допре до пошироката публика.

Трн: Твоите соработки со Исмаил Лумановски и Крсте Роџевски делуваат како разговор меѓу луѓе што не мораат многу да се објаснуваат за да се разберат. Тројцата сте дел од нашата културна емиграција, но со свој личен уметнички израз. Што те поврзува со нив на подлабоко ниво и како тие дијалози влијаат врз твојата музика?

Дуке: Овие соработки се длабоко базирани на интуитивност, а не на интелектуална анализа. Годините поминати во заедничко музицирање создаваат комуникација што станува сè пософистицирана и поискрена.

Со Исмаил, на пример, можам да одсвирам концерт без проба. Толку добро се познаваме и како луѓе и како креативци што интуицијата ни е моментална, а креативната мисла течна. Не ни е потребна многу вербална комуникација за да се роди музика што директно го допира слушателот.

Со Крсте процесот е поинаков, тука станува збор за композиции со текст и форма, што бараат работа и проби. Но токму поради долгогодишната соработка, и тој процес тече природно и лесно.

фото: Стефан Рајхл

Трн: Песната е лек за душата. Ја напушти медицината како професија, но не и идејата за лекување. Денес тоа го правиш преку музиката и звукот. „Соничен алхемичар“ е длабоко романтичен и уметнички или целосно исцелувачки концепт?

Дуке: Уште во периодот кога ја правев транзицијата од медицина кон музика дознав за концептот на музикотерапија и лекување со звуци и фреквенции. На крајот на деведесеттите години тоа сè уште беше табу тема со малку достапни информации, но мене многу ме возбуди помислата за спој на двете гранки што ме следеа низ животот – медицината и музиката.

Кога стасав на Berklee College of Music во Бостон, уште од првиот семестар земав часови по музикотерапија, што ми даде солидна основа и простор за подлабоко истражување на влијанието на фреквенциите врз човечкиот мозок. Како дел од практичната работа имав можност да работам со лица со аутизам.

Подоцна, во Њујорк, продолжив со работа со аутистични пациенти во рамки на New York University, паралелно со интензивна работа на музика за филм и телевизија, што со години не ми дозволуваше целосно да се посветам на персонализираната музика.

Harmonic Frequencies

Последниве неколку години ми се отвори повеќе простор и време, особено преку работа на ритрити, каде што можев целосно да се фокусирам на звучната терапија. Проектот го крстив „Хармонски Фреквенции“ (Harmonic Frequencies) – концепт во кој комбинирам интуиција и наука за да создадам персонализирана терапевтска музика, наменски напишана за секоја личност со која работам.

Трн: Живееме во време на постојана видливост, алгоритми и брзи реакции, додека твојата музика инсистира на внимателно слушање и присуство. Како денес го дефинираш успехот – како видливост или како слобода, и дали некогаш свесно си се откажал од едното за да го зачуваш другото?

Дуке: Одсекогаш сум го дефинирал успехот како слобода, особено слобода на креативната мисла. Доколку целта е само видливост, креаторот често мора да се прилагоди на туѓи концепти и да ја жртвува сопствената автентичност.

Слободата, од друга страна, овозможува искрен и автентичен израз, што парадоксално ја зголемува шансата за вистинска видливост. Преголемото фокусирање на видливост може да доведе до губење инспирација и до губење во големиот океан на музичката индустрија, додека фокусот на слободата создава препознатливост и подлабока врска со публиката.

Трн: На крајот сме на една година што нè учи дека сѐ е кршливо, неизвесно, а сепактака совршено ново и дигитализирано: што би сакал да остане зад тебе во старата година, а што сакаш да го понесеш со себе во новата?

Дуке: Оваа година ми беше година на големи предизвици, но и на длабоки промени и сознанија. Ме научи дека сѐ е кршливо, но и дека токму во таа кршливост постои можност за раст и трансформација.

Во старата година ја оставам илузијата на контрола. Во новата ја носам довербата во интуицијата, тишината како простор за вистинско слушање и храброста да се оди побавно, но подлабоко.

Во време на брзина и алгоритми, верувам дека иднината им припаѓа на оние што знаат да слушаат. Таму ја гледам и мојата насока, во создавање со присуство и свесност.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни