Дубиоза Колектив ја објави новата песна „YEBIGA“, а нејзината промоција доаѓа со необичен прес текст – напишан од вештачка интелигенција. На типично ироничен начин, бендот ја отвора темата за улогата на алгоритмите, технолошките ветувања и стравовите што ги носи новата ера на AI.
Во прес текстот, „авторот“ (односно самата вештачка интелигенција) на шеговит начин признава дека песната сепак не е напишана од алгоритми, туку од луѓе.
Според оваа иронична најава, да ја пишувала AI, песната можеби ќе била технички посовршена и статистички поефикасна, но сигурно немало да се вика „YEBIGA“, ниту пак ќе звучела во ритмот на Дубиоза Колектив.
Токму во тој судир меѓу „паметната иднина“ и балканската реалност настанува песната. „YEBIGA“ е музички коментар за колективната фасцинација со вештачката интелигенција – идејата дека алгоритмите ќе решат сè, ќе пишуваат подобри текстови и ќе создаваат подобра уметност.
Но Дубиоза Колектив потсетува дека песната е резултат на човечка работа – со грешки, контрадикции и органско размислување.
Новиот сингл го следи и видео спот во кој се појавува Ѓипало Јунуз со својот легендарен „хепек“ од култната емисија „Top lista nadrealista“.
Со оваа алузија бендот ја поврзува апсурдната естетика на Надреалистите со современиот свет на алгоритми, паметни системи и дигитална конфузија.
Синглот „YEBIGA“ беше објавен на 6 март 2026 година и веќе го привлече вниманието на публиката со својата сатирична порака за односот меѓу технологијата и човечката креативност.