Дуа Липа ги негира тврдењата дека го отпуштила агентот поради про-израелски ставови

Поп ѕвездата Дуа Липа ги негираше медиумските наводи дека го отпуштила еден од своите агенти поради обидот да го спречи ирскиот бенд Kneecap да настапи на фестивалот Гластонбери.

Весникот Mail Online тврдел дека Липа се разделила со Дејвид Леви бидејќи тој потпишал писмо до организаторите на фестивалот, барајќи да се откаже настапот на бендот поради нивните про-палестински ставови.

Сепак, и Липа и нејзината агенција WME го нарекоа тоа „категориски неточно“, истакнувајќи дека Леви престанал да работи со пејачката уште во 2019 година.

„Не ги оправдувам дејствијата на Дејвид Леви или други музички менаџери кон артист кој ја изразува својата вистина,“ напиша Липа на својот Instagram. Таа додаде дека сторијата на Daily Mail била „свесно провокативна“ и создадена за „кликбејт и поттикнување на поделби на интернет“.

WME во посебно соопштение за BBC истакна: „Тврдењата дека Дуа Липа или нејзиниот менаџмент го отпуштиле еден од нашите агенти поради неговите политички ставови се категорички неточни.“ Агенцијата потврди дека Леви имал улога во раната кариера на Липа и останал во тимот во советодавна улога до почетокот на оваа година.

Настапот на Kneecap на Гластонбери се одржа во јуни, и покрај политичките притисоци да се откаже бендот. Еден од членовите на триото, Лијам О’Ханаид, се соочува со обвинение за тероризам поради наводно прикажување на знаме на Хезболах на концерт минатата година. Музичарот ги негира обвиненијата, тврдејќи дека знамето било фрлено на сцената и тој го зел без да знае што претставува.

Настапот на бендот предизвика реакции од дел од индустријата, а некои музички менаџери испратиле писмо до организаторите, барајќи да се преиспита настапот на групата. Во текот на настапот, триото од Белфаст ги повикуваше присутните на скандирање „Free Palestine“ и изговараше навреди кон британскиот премиер Кир Стармер.

Дуа Липа јавно ги изрази своите ставови за конфликтот во Газа и повикуваше на „хуманитарно примирје“. Во мај оваа година, таа го осуди израелското бомбардирање на кампови за раселени лица во јужна Газа.

„Палењето деца никогаш не може да се оправда,“ напиша Липа на Instagram. Таа, заедно со други јавни личности, повика на прекин на продажбата на оружје од Велика Британија за Израел.

Во двегодишниот конфликт, според здравственото министерство на Хамас, повеќе од 65.000 лица се убиени во нападите на Израел. Израел тврди дека своите дејствија ги оправдува како самоодбрана и за ослободување на заложници, но неодамна една комисија на ОН оцени дека Израел извршил геноцид во Газа.

Истовремено, Велика Британија, Франција, Канада и Австралија официјално ја признаа Палестина како држава на средба во Обединетите нации оваа недела.

Извор: BBC

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни