Судот на ЕУ го забрани последниот програм за доделување на таканаречени „златни пасоши“ во Европската унија. Сепак, некои земји сега бараат законски дупки за да заработат пари.
Малта беше последната земја во Европската унија што нудеше таканаречени „златни пасоши“. Останатите програми „пари за државјанство“ во Бугарија и Кипар беа укинати изминатите години.
Европската комисија во 2022 година покрена постапка против Малта поради нејзината пракса на доделување државјанство главно врз основа на инвестиции во недвижности, аргументирајќи дека примателите на државјанство од ЕУ мора да покажат „вистинска врска“ со земјата што го издава пасошот, а не само финансиска обврска.
Највисокиот правен орган на ЕУ утврди дека политиката на Малта го сведува државјанството на „обична комерцијална трансакција“ и дека „таа пракса не овозможува воспоставување неопходна врска на солидарност и добра волја меѓу земјата членка и нејзините граѓани, ниту обезбедува заемна доверба меѓу земјите членки“.
По пресудата, премиерот на Малта, Роберт Абела, го бранеше принципот на „златни пасоши“, наведувајќи дека Малта така заработила повеќе од 1,4 милијарди евра. Тој најави дека ќе го „преработи“ системот за да го усогласи со одлуката на судот.
„Како и секогаш, владата на Малта ги почитува судските одлуки, додека во моментот детално се проучуваат правните последици од оваа пресуда, со цел регулаторната рамка за државјанство да се усогласи со принципите наведени во пресудата“, рече тој.
Иако купените пасоши сега се забранети, постојат други начини за да се купи влез во Шенген зоната без пасош. Изгледа дека за тоа има голем интерес.
„Златните визи“ функционираат по скоро истиот принцип како и програмите за пасоши, овозможувајќи дозволи за престој во замена за купување недвижности или други големи инвестиции.
Компанијата Henley & Partners, која посредуваше во малтешкиот пасошки програм, во моментов наведува 31 земја меѓу своите клиенти што нудат програми за „престој преку инвестиции“. Половина од тие земји се наоѓаат во Европската унија.
„Овој програм сè уште ви овозможува пристап до многу слободи во рамките на ЕУ“, забележува Ана Тероне, советничка за политика во глобалната антикорупциска организација Transparency International.
По пресудата, портпаролот на Европската комисија, Маркус Ламерт, ја истакна „сериозната загриженост“ во врска со програмите за златни визи. „Таквите програми ги зголемуваат безбедносните ризици, можностите за перење пари, затајување данок и корупција во целата Унија“, рече Ламерт. Тој истакна дека законите на ЕУ за спречување перење пари „бараат од земјите членки кои спроведуваат вакви програми да ги следат ризиците и да воведат мерки за нивно намалување“.
Резолуцијата на Европскиот парламент од 2022 година наведува дека програмите за „престој преку инвестиции“ треба да вклучуваат „стандардизирани процедури на ниво на ЕУ за засилена проверка и ригорозна анализа на апликантите и потеклото на нивното богатство“, како и вкрстени проверки во национални, европски и меѓународни бази на податоци. Сепак, спроведувањето е оставено на земјите членки.
Ана Тероне се надева дека процесот што е започнат по одлуката за укинување на „златните пасоши“ ќе продолжи.
„Овој начин на размислување можеби ќе се прошири и на програмата за златни визи“, рече Тероне. Кога станува збор за солидарноста и безбедноста меѓу земјите членки на ЕУ, смета дека е потребен заеднички напор за да се спречи влезот на „корумпирани и богати поединци кои до парите дошле на сомнителен начин“.