Државната администрација добива повисоки плати: Зголемување од 8% во три години, исплатата почнува од април,преговорите за минималната плата продолжуваат

„Од досега пристигнатите изјаснувања, 95 проценти од синдикалните организации сметаат дека барањата на УПОЗ, кои Владата ги прифати, се поповолни и прифатливи“, се наведува во соопштението на синдикатот.

Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани (УПОЗ) одлучи да ја прифати понудата на Владата, со која платите на речиси 8.000 вработени во државната управа ќе се зголемат за по 8 проценти во наредните три години. Дополнително, вработените ќе добијат и линеарно усогласување со растот на минималната плата.

Од УПОЗ информираат дека огромно мнозинство од синдикалните организации ја поддржале одлуката.

„Од досега пристигнатите изјаснувања, 95 проценти од синдикалните организации сметаат дека барањата на УПОЗ, кои Владата ги прифати, се поповолни и прифатливи“, се наведува во соопштението на синдикатот.

Административните службеници повисоките плати ќе ги добијат од март, а исплатата ќе се реализира со априлската плата.

Лидерот на УПОЗ, Трпе Деаноски, по средбата со Владата изјави дека зголемувањето ќе се реализира во три фази.

„Како што најавувавме уште минатата година, зголемувањето ќе биде во период од неколку години, во три рати од по 8 проценти. За жал, не станува збор за 10 проценти и не ги добивме лани, но Владата прифати исплатата да започне од март. За да се оствари ова право, сите институции од државната управа и правосудството ќе треба да потпишат поединечни колективни договори“, истакна Деаноски.

Средбата следуваше откако премиерот Христијан Мицкоски даде понуда за раст на платите, која УПОЗ ја оцени како прифатлива. Во интервју за МРТВ, премиерот најави дека, доколку понудата биде официјално прифатена, веќе од понеделник ќе започне изготвувањето на потребната документација и временска рамка.

„Исплатата ќе започне во април за мартовската плата и ќе опфати 8-процентно зголемување на сегашната плата, зголемена за растот на минималната плата. Истото ќе се повтори и во 2027 и 2028 година. Тоа значи дека за околу две години и неколку месеци, административните службеници кои досега немале покачување ќе имаат најмалку 40 проценти повисоки плати во однос на денешното ниво“, изјави Мицкоски.

Во меѓувреме, преговорите за зголемување на минималната плата остануваат заглавени. Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) поднесе иницијатива до Собранието за намалување на функционерските плати и побара минималната плата веднаш да се зголеми на 600 евра.

„Покрај намалувањето на функционерските плати, бараме минималната плата веднаш да изнесува 600 евра, а останатите плати да се зголемат за најмалку 6.000 денари или за разликата од зголемувањето на минималната плата“, напиша претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, на својот Фејсбук профил.

Ставот на Владата останува непроменет – од март минималната плата ќе се зголеми само за законското усогласување, односно за околу 1.500 денари. Поради тоа, ССМ најави блокади на институции од наредната недела, како и нови протести и генерален штрајк во јавниот и приватниот сектор доколку не се прифатат нивните барања.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни