Повеќето луѓе претпоставуваат дека секоја држава мора да има главен град. Меѓутоа, во светот постојат само две држави кои официјално немаат престолнина: Науру и Швајцарија. Ова не се Ватикан, Монако или Сингапур, каде што градот и државата практично се идентични, туку случаи со сосема различни историски и политички причини.
Науру – остров без класични градови
Науру е мало островско држава во Тихиот Океан, со површина помала од Менхетн. Државата е поделена на 14 административни окрузи и има околу 12.000 жители, претежно покрај крајбрежјето. Науру нема класични градови, туку населби и административни центри, но ниту еден никогаш не добил статус на главен град. Во втората половина на 20. век, Науру беше една од најбогатите земји по глава на жител поради огромните наоѓалишта фосфати, но економскиот процут нагло заврши по исцрпувањето на резервите. Денес државата се соочува со економски и еколошки предизвици и значително зависи од финансиска помош од Австралија. Во пракса, најголемо административно значење има округот Јарен, каде се наоѓа парламентот и повеќето државни институции, но и тој нема официјален статус на главен град.
Швајцарија – федерална структура без официјална престолнина
Втората држава без формална престолнина е Швајцарија, што многумина изненадува. Земјата има 26 кантони кои историски функционирале како речиси независни држави. Поради силната посветеност на рамноправноста на кантоните и децентрализацијата на власта, Швајцарија никогаш не прогласила официјален главен град. Клучните државни функции се распоредени помеѓу повеќе градови: Берн е седиште на федералната влада и парламентот и носи назив „федерален град“, но официјално не е престолнина. Федералниот суд е во Лозана, додека Федералниот кривичен суд се наоѓа во Белинцона. Овој систем ја рефлектира швајцарската политичка култура на компромис и баланс на моќта меѓу регионите.
Децентрализација и директна демократија
Швајцарија е една од ретките држави каде што децентрализацијата е толку силна што кантоните имаат свои устави, парламенти и судови. Поради тоа, избегнато е прогласување на еден град како доминантен политички центар, што е во согласност со традицијата на федерализам и директна демократија.
Примерите на Науру и Швајцарија покажуваат дека поимот „главен град“ не е универзално правило, туку резултат на историски, политички и географски околности, кои се различни од држава до држава.