„Другата страна“ вечерва во МНТ отвора тешки општествени прашања

Со гостувањето на Црногорско народно позориште и претставата „Другата страна“, МНТ вечерва го заокружува одбележувањето на 81 година постоење.

Со гостувањето на Црногорско народно позориште од Подгорица и претставата „Другата страна“, вечерва од 20 часот на сцената на Македонскиот народен театар ќе биде заокружено одбележувањето на 81 година од постоењето на МНТ.

Претставата е во режија на Борис Лијешевиќ, а драматургијата ја потпишуваат Стела Мишковиќ и Стефан Бошковиќ. Во неа настапуваат Александар Радуловиќ, Лазар Ѓурѓевиќ, Кристина Обрадовиќ, Зоран Вујовиќ, Сања Вујисиќ, Тихана Ќулафиќ, Жана Гардашевиќ Булатовиќ, Мирјана Спаиќ, Јован Дабовиќ, Јелена Ненезиќ, Ивона Раковиќ, Јелена Миниќ, Јулија Милачиќ Петровиќ Његош, Ања Мисовиќ, Анѓела Маруновиќ, Ана Вујошевиќ, Јадранка Мамиќ и Данило Челебиќ.

„Другата страна“ отвора тешки, но актуелни прашања за општеството: што ни се случува, како стигнавме до ова, каде залутавме и како може да се излезе од ваквата состојба. Во центарот на приказната е свет во кој организираниот криминал, насилството, зависностите и изопачените вредности длабоко навлегуваат во секојдневието, бришејќи ја границата меѓу нормалното и прифатеното.

Претставата говори за време во кое парите стануваат врвна вредност, а човечкиот живот се сведува на бројка и интерес. Во таква реалност, мафијата, дилерите, лихварите и криминалните структури не се веќе маргинални појави, туку дел од системот што ја обликува јавната и приватната стварност.

Режисерот Борис Лијешевиќ ја опишува „Другата страна“ како приказна за време во кое човекот престанува да го гледа другиот човек, а општеството го губи сопственото лице. Според драматуршката екипа, претставата не нуди лесни одговори ниту спасоносни решенија, туку поставува огледало пред современиот свет и пред механизмите во кои сите, свесно или несвесно, стануваат дел.

Во таа слика на општество разорено од криминал и страв, непријателот повеќе не е скриен, туку веќе станува препознатлив, разбирлив и на крајот прифатен. Токму затоа „Другата страна“ не е само театарска приказна, туку и силен коментар за времето во кое живееме.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни