Пет дрона минатата вечер летале над морнаричката база Île Longue, клучна локација за француското нуклеарно одвраќање која се наоѓа во близина на Брест. Обезбедувањто задолжено за безбедноста на базата отворило оган кон беспилотните летала, а веднаш потоа е покрената и истрага за да се утврди кој стои зад инцидентот. Дроновите биле забележани околу 19:30 часот, по што бил активиран системот за противдронска одбрана. Според капетанот Гијом Ле Расл, портпарол на Атлантската поморска префектура, станувало збор за мали, ненаоружани дронови кои не претставувале директна воена закана. Тој изјавил дека чувствителната инфраструктура на базата не била загрозена и дека е можно операторите само да сакале да создадат вознемиреност или да привлечат внимание.
Базата Île Longue е од исклучително стратешко значење за Франција, бидејќи таму се сместени четирите подморници вооружени со балистички ракети кои го сочинуваат главниот столб на француската нуклеарна моќ. Најмалку една подморница постојано патролира во океанот за да се гарантира континуирана можност за нуклеарен одговор. Безбедноста на оваа база ја обезбедуваат околу 120 поморски жандарми во координација со француската морнарица.
Инцидентот го презеде воено јавно обвинителство, кое треба да го утврди потеклото и мотивите на операторите на дроновите. Иако летот на беспилотни летала над вакви чувствителни воени зони е строго забранет, локалните власти потсетуваат дека и претходно имало појави на дронови во околината — но без директно надлетување на самата база. Овој настан, сепак, предизвика големо внимание бидејќи доаѓа во период на зголемена чувствителност околу безбедноста на стратешките инфраструктурни капацитети во Европа.
