Неколку дронови од непознато потекло беа забележани синоќа над белгиската воена база во местото Марш-ан-Фамен, во југоисточниот дел на земјата, потврди министерот за одбрана Тео Франкен. Тој во објава на социјалната мрежа „X“ (поранешен Твитер) истакна дека слични активности биле регистрирани и претходниот викенд.
„Се работи за професионални управувачи на дронови кои мапирале одредени делови од базата. Тоа не е дело на аматери, туку на искусни оператори“, рече Франкен.
Белгиските медиуми пренесуваат дека дроновите подолг временски период летале над клучните делови на базата, што предизвикало загриженост кај воените структури. Според министерот, ова е „нов безбедносен предизвик“ за Белгија и за Европа во целина.
„Ни се потребни системи за детекција со кои ќе можеме на време да ги идентификуваме дроновите што се приближуваат. Овие системи постојат и треба итно да ги набавиме“, изјави Франкен за белгиската државна телевизија ВРТ, најавувајќи дека прашањето ќе биде разгледано на следната владина седница.
Во последните неколку недели, дронови биле регистрирани над повеќе аеродроми и воени бази ширум Европа, меѓу кои и белгиската Елзенборн, на границата со Германија, каде биле забележани околу 15 дронови кои подоцна навлегле во германскиот воздушен простор. Засега не е познато кој стои зад овие летови, ниту каков тип дронови се користени.
Белгиските власти ја зајакнуваат воздушната контрола и најавуваат дополнителни проверки на стратешките локации.