Дронови го затворија аеродромот во Осло, Копенхаген повторно отворен – полицијата збунета: „Не знаеме од каде доаѓаат“

Аеродромот во Осло е затворен поради дронови, додека Копенхагенскиот аеродром е повторно отворен по 4-часовна блокада. Полицијата не знае од каде доаѓаат дроновите. Две лица уапсени во Норвешка.

Аеродромот во Осло е затворен откако најмалку два дрона биле забележани во близина на пистата, јавува норвешката новинска агенција NTB. И покрај сличната ситуација, полицијата засега нема индиции дека инцидентите во Норвешка и Данска се поврзани.

Меѓународниот аеродром во Копенхаген, кој претходно беше затворен повеќе од четири часа поради појава на дронови, повторно е отворен. Како што изјави портпаролката на аеродромот Лиза Кирштајн, одлуката за повторно отворање е донесена откако подолго време не биле забележани дронови над воздушниот простор. Точниот период без активност не е прецизиран, но патниците треба да очекуваат доцнења и откажани летови.

Вознемирени патници, полицијата беспомошна

Патниците на аеродромот во Копенхаген биле видливо вознемирени и нервозни, известуваат новинарите од “Berlingske”. Заменикот на полицискиот инспектор Јакоб Хансен изјави:

„Разбираме дека луѓето се исплашени. Ги користиме сите алатки и опрема на располагање за да утврдиме какви дронови се во прашање.“

Хансен додаде дека полицијата не може да потврди ниту демантира дали дроновите би можеле да бидат поврзани со Русија.

Данската полиција: „Ниту еден дрон не е фатен“

На ноќна прес-конференција, полицијата во Копенхаген призна дека ниту еден дрон не е фатен, иако тие го прекинаа целиот авионски сообраќај во Данска на неколку часа.

„Спроведовме полициска операција и дроновите исчезнаа“, изјави Хансен, но одби да одговори дали полицијата има капацитет да соборува неовластени дронови.

„Би сакал да знам каде се дроновите сега“, додаде тој.

Во меѓувреме, данските борбени авиони биле испратени од Јитланд кон Копенхаген, како дел од одбранбените мерки. Командата за одбрана упати новинари да се обратат до полицијата, која во моментот е силно присутна на теренот.

Ситуацијата во Норвешка: Затворен аеродромот во Осло

Меѓународниот аеродром во Осло е исто така затворен, откако дронови биле забележани доцна во понеделникот вечерта, а воздушниот сообраќај бил прекинат по полноќ. Според локалните медиуми, дрон бил забележан и над центарот на Осло, во близина на клучни воени и политички институции.

Како што е соопштено, две лица се уапсени, наводно државјани на Сингапур. Кај нив бил пронајден дрон, кој им бил одземен, а тие се приведени на испрашување.

Во изминатиот период, појавата на дронови околу аеродроми и сензитивни објекти стана сè почеста. Безбедносните служби во повеќе земји го подигаат степенот на подготвеност, но истовремено се соочуваат со технолошки предизвици во откривање и неутрализирање на ваквите уреди.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни