Напад со дрон предизвика пожар во индустриска зона во ОАЕ

По напад со беспилотно летало избувна пожар во индустриската зона во Фуџаира, поради што привремено е запрен товарот на нафта во една од најважните извозни точки на Обединетите Арапски Емирати.
Screenshot: X

Пожар избувна во голема индустриска зона во Обединетите Арапски Емирати по напад со беспилотно летало, соопштија локалните власти. Инцидентот се случил во Фуџаира – еден од најважните енергетски и логистички центри во земјата, каде се наоѓа и најголемата нафтена лука на ОАЕ.

Според медискиот офис на Фуџаира, пожарникарските служби веднаш интервенирале за да ја стават огнената стихија под контрола. Во нападот нема пријавени жртви.

По инцидентот, привремено се прекинати операциите за товарење на нафта во пристаништето, потврдија два извори за агенцијата Reuters. Властите засега не соопштуваат детали за потеклото на нападот, а истрагата е во тек.

Индустриската зона во Фуџаира и претходно беше цел на напади за време на актуелниот регионален конфликт. Последниот регистриран напад во оваа област се случи на 3 март, што дополнително ја зголемува загриженоста за безбедноста на енергетската инфраструктура во регионот.

Поради стратешката позиција на Фуџаира (како клучна извозна точка за нафта надвор од Ормускиот теснец) секој прекин во работата на пристаништето има потенцијал да влијае врз глобалните енергетски пазари.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни