Британската воздухопловна база во Акротири на Кипар била цел на напад со дрон, соопштија кипарските власти. Инцидентот се случил нешто по полноќ, а според првичните информации, штетата е ограничена.
Портпаролот на кипарската влада, Константинос Летимбиотис, изјави дека властите внимателно ја следат ситуацијата во координација со Обединетото Кралство.
„Во врска со инцидентот што се случи нешто по полноќ во базата во Акротири, информациите добиени преку повеќе канали укажуваат дека станува збор за беспилотно летало, кое предизвикало ограничена штета“, наведе Летимбиотис на социјалната мрежа Икс.
Кипарските власти соопштија дека веднаш по нападот бил активиран националниот кризен механизам, при што државните служби биле ставени во состојба на зголемена подготвеност. Од безбедносни причини биле затворени училиштата во одредени области, а таму каде што било проценето како неопходно биле организирани и превентивни евакуации. Засилени безбедносни мерки се воведени околу клучните инфраструктурни објекти и дипломатските претставништва, додека властите ја следат ситуацијата во координација со Обединетото Кралство и европските партнери.
Кипарскиот претседател Никос Христодулидис утринава порача дека безбедноста на државата и на граѓаните е највисок приоритет на владата, додавајќи дека земјата ќе продолжи да ја исполнува својата хуманитарна улога од изминатиот период, дејствувајќи „како дел од решението, а не од проблемот“.
Надлежните служби продолжуваат со проценка на штетата и утврдување на околностите под кои е извршен нападот.