ДРК ги прекина дипломатските односи со Руанда, свикан Советот за безбедност на ОН

Демократска Република Конго (ДРК) ги прекинува дипломатските односи со Руанда, а Советот за безбедност на Обединетите нации свика итен состанок бидејќи борбите меѓу армијата на Конго и вооружената група М23 се интензивираат.
Фото: UN Photo/Sylvain Liechti

Тригодишниот бунт на М23 на истокот богат со минерали на ДРК се интензивираше овој месец, при што бунтовниците презедоа контрола на повеќе територии, што ги поттикна ОН да предупредат на ризикот од поширока регионална војна.

Трупите на Конго и мировниците се обидуваат да го спречат напредувањето на М23 кон источниот град Гома, главниот град на провинцијата Северен Киву.

М23, или Движењето 23 март, е вооружена група која се отцепи од армијата на ДРК пред повеќе од 10 години. Од нејзиното повторно оживување во 2022 година, групата продолжи да се освојува територија во источниот дел на ДРК.

ДРК и ОН ја обвинуваат Руанда дека го поддржува М23 со војници и оружје. Руанда го негира обвинението.

Најмалку девет мировници, вклучително и двајца од мировните сили на ОН МОНУСКО, се убиени во борбите во источниот дел на ДРК, според извештајот на Ал Џезира.

Официјален претставник на ОН, зборувајќи за новинската агенција Асошиетед прес, ја потврди смртта на двајца војници на ОН. Мировниците беа убиени во петокот, изјави претставник на ОН за агенцијата под услов да остане анонимен.

Портпаролот на армијата на Конго, генерал Силвен Екенге, им рече на новинарите дека силите на ДРК работат на „одвраќање на непријателот“.

„Руанда е решена да го заземе градот Гома“, рече тој.

САД, Обединетото Кралство и Франција ги повикаа своите граѓани да ја напуштат Гома додека аеродромите и границите се сè уште отворени.

М23 постигна значителни територијални придобивки во последниве недели, опколувајќи ја Гома, дом на околу два милиони луѓе и регионален центар за безбедносни и хуманитарни напори.

Ескалацијата на борбите поттикна итен состанок на Советот за безбедност на ОН, првично закажан за понеделник, но поместен за денеска.

ОН, исто така, соопштија дека привремено ќе го преместат несуштинскиот персонал, како што е административниот персонал, од Гома.

„Основниот персонал останува на теренот, одржувајќи ги критичните операции како што се дистрибуција на храна, медицинска помош, засолниште и заштита за ранливите заедници“, велат од ОН.

М23 е една од околу 100-те вооружени групи кои се борат за упориште во источниот дел на ДРК, богат со минерали, долж границата со Руанда, во повеќедеценискиот конфликт што ја создаде една од најголемите хуманитарни кризи во светот.

Од 1998 година, приближно шест милиони луѓе се убиени, додека околу седум милиони се раселени внатре.

Повеќе од 237.000 луѓе се раселени поради борбите во источниот дел на ДРК од почетокот на оваа година, објави агенцијата за бегалци на ОН во извештајот во понеделникот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни