Дождот што од ноќеска паѓа во скопската котлина не помогна многу во гаснењето на пожарот на депонијата Дрисла. Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов вели дека и претходните денови многу тони вода се исфрлени на депонијата, но чадењето продолжува. Тој најави дека се планира да се преземат и други мерки за да се стопира горењето, кое деновиве предизвика сериозно влошување на квалитетот на воздухот во главниот град.
Жители на скопските населби Аеродром, Ново Лисиче, Драчево, Кисела Вода и Центар се жалат на неподнослива смрдеа на запалена гума и чад заради кои не можат да престојуваат надвор од дома. Граѓаните со денови споделуваат снимки и фотографии од загадувањето и бараат итни мерки од надлежните институции.
Ангелов вчера изјави дека причина за смрдеата во Скопје е ветрот, што го сменил правецот и дува од депонијата во насока на Скопје.
„Вечерва, но и во текот на ноќта продолжуваат активностите за затрупување на депонијата Дрисла, а ќе бидат дополнително засилени рано наутро“, најави вчера Ангелов.
Филип Иванов, експерт за животна средина и поранешен директор на Управата за животна средина вели дека пожар на контролирана депонија не се случува туку така.
„Од контролирана депонија се направи апокалиптична сцена со чад и оган. Малку беше Вардариште, па еве и детски додаток за скопската котлина. Во овие услови пожарот може да настане само како резултат на некомпетентно менаџирање. Пожар на контролирана депонија не се случува сам од себе и не се гаси со вода“, пишува Иванов.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера рече дека иако визуелно се гледа чад, сепак заради пожарот на Дрисла нема зголемени параметри во воздухот кои би биле алармантни. Тој рече дека за скопската депонија нема ад хок решенија, туку таа мора да се модернизира за да не се случуваат вакви инциденти.
„На депонија се ослободуваат запаливи гасови и со еден отпушок може да настане пожар. Дрисла мора да се уреди, да се изгради со фабрика за производство на енергија, да се прошири капацитетот и да се затвори, за да не може секој да влегува и да ја потпалува“, вели Мицкоски и најави по изборите Дрисла ќе се модернизира со јавно-приватно партнерство.
Извор: Мета