Три недели пред почетокот на 9тото издание на Дрим Шорт објави дека фестивалот оваа година нема да се одржи на Летна Сцена во НУЦК Браќа Миладиновци, Струга.
Ви го пренесуваме интегрално нивното соопштение:
„Просторот кој секоја година, во рамки на нашите можности самите го адаптиравме да биде пристојно место кое го следи продукцискиот и програмскиот развој на фестивалот, сега е означено како „небезбедно“ за одржување на културен, камерен настан, како филмски фестивал на краток филм. Поради тоа, по којзнае кој пат од нашето основање, сме приморани да измислуваме „кино“ во нашата Струга, каде оваа година ќе дочекаме светски и балкански филмски ѕвезди. Ние не сме гламурозен фестивал, но и оваа година ќе направиме сѐ што е во рамки на нашите можности, филмските гости и публиката да се чувствуваат пријатно, добредојдено и по деветти пат да ја покажеме најубавата страна од Струга. Како што знаете, бидејќи нема каде да се бега, ни останува само да гледаме филмови и затоа се селиме навистина блиску. Оваа година фестивалот ќе го позајми Паркот на поезијата и од 7ми до 10ти август ќе го претвориме во Парк на филмот, а потоа ќе го вратиме назад на поетите.
Затекнати од овие промени, веруваме дека надлежните институции од Струга и драгите стружани ќе ни помогнат непречено да го реализираме 9тото издание во Паркот на поезијата. Секоја помош е добредојдена.
Пред крајот на овој допис, а пред почетокот на фестивалот, само гласно ќе се запрашаме: до кога ќе се игнорира културата во Струга и дали некому му е гајле за овој град?“