Германскиот производител на спортски автомобили Porsche објави значителен пад на продажбата во Кина за 2024 година, која изнесува 28 проценти.
Минатата година компанијата, која е дел од Volkswagen групацијата, продаде 56.887 возила во Кина, што претставува значителен пад во однос на 79.283 автомобили продадени во 2023 година.
Кина, како најголем светски пазар за автомобили, има огромно влијание врз глобалните резултати на компанијата. Слабата продажба во оваа земја придонесе кон намалување на глобалната продажба на Porsche, која во 2024 година изнесува 310.718 возила, односно пад од 3 проценти.
Купувачите во Кина сè повеќе се воздржуваат од трошење пари на луксузни производи, што е резултат на забавениот економски раст предизвикан од кризата на пазарот за недвижнини, пренесува Reuters.
Во октомври, Porsche најави дека ќе ја намали својата мрежа на дилери во Кина, што ја одразува слабата побарувачка.
Исто така, вкупната продажба на брендот Volkswagen во Кина за минатата година се намали за 8,3 проценти, достигнувајќи 2,2 милиони возила. Mercedes-Benz, пак, забележа пад од 7 проценти на својот азиски пазар.