Драмски театар Скопје гостува во Битола

Со претставата „Чудна случка со кучето во ноќта” на Драмски театар Скопје се затвора 25-от Интернационален Фестивал на монодрама Битола 2024.

Претставата ќе им биде посветена на наградените и на театарската публика што две и пол децении го следи фестивалот кој годинава се реализира под слоганот „Слободата живее тука“.

„Фестивалското мото е директна асоцијација дека не само актерите туку и уметниците се во константна трка и потрага по слобода, а неа ја наоѓаат токму таму каде што творат, на сцените” – истакна на отворањето директорката Маја Андоновска-Илијевски.

Свечено затворање, доделувањето на наградите и претставата „Чудна случка со кучето во ноќта” на Драмски театар Скопје ќе се реализираат утре на 31 мај во 19.00 часот во салата на НУ Народен Театар Битола.

Претставата „Чудна случка со кучето во ноќта“ е авторска адаптација на Сајмон Стивенс направена според мотивите од романот на Марк Хадон. Режисер е Зоја Бузалковска. Асистент на режија е Димче Николовски, драматург е Александра Бошковска. Костимите во претставата се на Елена Вангеловска и Раде Василев, а сценографијата е на Константин Трпеноски. Авторската музика е на Давид Ангеловски, а кореографијата и фри ранинг техниката е на Симон Симоновски.

Улогите во претставата ги толкуваат актерите: Дамјан Цветановски, Трајанка Илиева Вељиќ, Александар Степанулески, Емилија Мицевска, Соња Стамболџиоска, Јасмина Василева, Филип Трајковиќ, Стефан Вујисиќ, Златко Митрески и Нела Павловска.

Премиерата на „Чудна случка со кучето во ноќта“ беше во декември 2021 година и досега има триесет изведби на матичната сцена и на фестивалите Охридско лето во 2022 година, фестивалите „Рута“ Љубљана, „5ре“ во Велес и „Војдан Чернодрински“ Прилеп во 2023 година, каде претставата освои повеќе награди меѓу кои, наградата најдобар актер ја доби актерот Дамјан Цветановски.

Режисерката Зоја Бузалковска во програмската книшка истакнува дека она што „Чудна случка со кучето во ноќта“ ја прави возбудлив материјал за работа е темата што ја отвора овој текст. Тоа е светот на Кристофер, светот на „посебниот“, „различниот“, „отфрлениот“, „исмеаниот“, „потценетиот“. Во време во кое многу општества, па така и нашето, се борат за инклузија на луѓето со посебни потреби, да се работи еден ваков актуелен материјал се чини исклучително важно. Во таа смисла, претставата има и едукативно – воспитна функција и може да ја одреди за една од своите целни групи и младата тинејџерска публика.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни