Драмски театар Скопје за публиката во јануари подготви празнични блок билети. По дочекот на Новата 2025 година и по Божиќ, Драмски, како што информира, ги отвора вратите со големи попусти за претставите. За 1 400 денари, со 50 отсто попуст на редовната цена на билетите може да се купат блок влезници за седум претстави.
Се работи за претставите „Диши“ на 21 јануари, „Фамилијата Адамс“ во среда на 22, „Падот на Масада“ во четврток на 23, „Чудесна терапија“ во петок на 24, „Пикник на фронтот“ на 25, „Драми на принцезите“ на 28 и во среда на 29 јануари е претставата „Парови“.
Вториот избор на блок билети со вкупна цена од 1 200 денари ги содржи влезниците за претставите: „Фамилијата Адамс“ на 22-ри „Чудесна терапија“ на 24-ти, „Пикник на Фронтот“ на 25-ти и „Драми на принцезите“ на 28 јануари.
Во Драмски се надеваат на голем одзив на публиката поради можноста во „најдолгиот месец во годината“ за симболична цена да се одгледаат дел од претставите на редовниот репертоар.
Резервациите за блок билетите може да се прават најдоцна до 8 јануари 2025 година, на info@dramskiteatar.com.mk