Драматичен скок на бројот на загинати во пожарот во Хонг Конг – над 90 мртви, стотици исчезнати: „Алармот НЕ се огласил!“

Смртоносен пожар проголта повеќекатен комплекс во Хонг Конг. Над 94 загинати, стотици исчезнати, граѓаните бесни: алармите не работеле, материјалите биле запаливи. Отворени истраги и апсења.

Смртоносен пожар проголта огромен станбен комплекс во Хонг Конг, при што загинаа најмалку 94 лица, а стотици други сè уште се водат како исчезнати – најтешка трагедија во градот во последните децении.

Пожарот сè уште тлееше и во петок рано наутро, повеќе од еден ден откако првично избувна. Спасувачите изјавија дека екстремно високите температури им го отежнувале пристапот до заробените станари.

Стравични сведоштва

Ван, жител на комплексот, раскажува дека додека огнот се ширел само неколку метри подалеку, тој дома гледал телевизија, не знаејќи што се случува. Дури кога слушнал врисоци за помош и отворил прозорец, видел густ чад.

Пожарот започнал околу 14:45 часот во една од осумте станбени кули на комплексот Ванг Фук Корт. Огнот брзо се проширил на другите згради, кои биле во фаза на реновирање и обвиткани со традиционални бамбусови скелиња. Скелите почнале да паѓаат додека пламените јазици се искачувале по 31-катните солитери.

Ван успеал да ги земе своите два кучиња и документите и по скалите за итни случаи, каде што се чувствувал мирис на гас, успеал да избега. Само неколку минути подоцна пожарот станал „ниво 4“ – втор највисок степен на тревога.

До самрак, огнената стихија зафатила седум од осумте кули, а илјадници луѓе – меѓу нив и голем број постари лица – стоеле беспомошно додека нивните домови исчезнувале во пламен.

Алaрмите не работеле? Сомнежи за пропусти и небезбедни материјали

Гневот меѓу жителите расте. Многумина тврдат дека алармите не се огласиле, а евакуацијата била хаотична и бавна.

Една жителка за CNN изјавила дека никој не ѝ тропнал на вратата да ја предупреди да бара спас, иако пожарот веќе беснеел во соседниот блок.

Полицијата утврдила дека дел од материјалите што се користеле при реновирањето – заштитни мрежи, пластични обвивки и полистиренски плочи – биле лесно запаливи и не ги исполнувале минималните безбедносни стандарди. Полистиренските плочи дури ги блокирале прозорците во некои станови.

Поради сомнежи за корупција, обезбедување тендери и злоупотреби при реновирањето, антикорупциската комисија веќе отвори истрага и изврши три апсења.

Илјадници оставени без дом

Комплексот Ванг Фук Корт е дел од програмата за јавно домување и е дом на повеќе од 4.000 луѓе – главно постари лица и семејства со ниски приходи. Поради екстремните цени на недвижнините во Хонг Конг, ваквите станови се многу барани.

Сега, по пожарот, стотици – можеби и илјадници – би можеле да останат без покрив над глава.

Многу жители сè уште ги бараат своите најблиски. Јуен, кој живее со својата сопруга, изјавил дека од средата нема никаква информација за своите родители на возраст над 70 години. Не му било дозволено да се врати во зградата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни