Една од астронаутките на НАСА открила дека ја изгубила способноста да извршува неколку основни функции откако поминала осум месеци во вселената. Сунита Вилијамс призна дека оваа недела заборавила какво е чувството да се оди откако поминала 234 дена во микро-гравитација.
„Тука сум доволно долго и моментално се обидувам да се сетам како е тоа да се оди. Не сум одела. Не сум седела. Не сум лежела“, рече таа за време на видео повикот со ученици од средно училиште во Нидам, Масачусетс, во понеделник.
Вилијамс (59) и нејзиниот колега Бери Вилмор (62) требало да поминат осум дена на Меѓународната вселенска станица (ISS), кога на 5 јуни тргнале на мисија, но капсулата на компанијата Боинг, која ги пренела, имала технички проблеми.
Во меѓувреме, капсулата се вратила на Земјата празна, оставајќи ги двата астронаути заглавени на ISS најмалку до крајот на март, кога ќе можат да се вратат на Земјата со леталото Crew-9 на СпејсX.
СпејсX веќе имаше задача да ги врати астронаутите на Земјата по проблемите со капсулата на Боинг Starliner, која претрпе дефекти на потисниците пред, за време и по лансирањето.
Во август НАСА одлучи дека Starliner не е безбеден за враќање на астронаутите и објави дека Вилијамс и Вилмор ќе се вратат на Земјата со капсулата Crew-9, која моментално е прикачена на ISS.
Претходно било планирано Crew-9 да слета во февруари, но во декември НАСА ја премести мисијата бидејќи СпејсX имал потреба од повеќе време за работа на капсулата Crew-10, која мора да биде лансирана пред Crew-9 да ја напушти станицата.
Како резултат на тоа, астронаутите ќе останат во вселената осум месеци.
Долготрајните мисии во микро-гравитација имаат значителен ефект врз телото, предизвикувајќи пропаѓање на мускулите и коските. НАСА наведува дека астронаутите губат околу еден процент од густината на коските месечно ако не преземат заштитни мерки.
Ако Вилмор и Вилијамс се вратат кон крајот на март, како што е планирано, ќе поминат вкупно десет месеци на ISS, што е два месеци повеќе од стандардната долгосрочна мисија на станицата.