Инцидентот се случил додека авионот Airbus A321 (лет TK1853) се приближувал кон аеродромот Ел Прат. Според официјални информации, патник активирал интернет hotspot на својот телефон и му дал име што содржело заканувачка порака поврзана со експлозивна направа.
Поради тоа, безбедносните служби веднаш реагирале и авионот по слетувањето бил изолиран на посебна позиција на пистата.
Итна евакуација и интервенција на специјалците
Сите патници и членови на екипажот биле итно евакуирани од леталото, додека шпанските специјални безбедносни единици го опколиле авионот и извршиле детална проверка.
По темелна инспекција, надлежните служби потврдија дека не е пронајдена никаква експлозивна направа.
Нема бомба, но истрагата продолжува
Од Turkish Airlines соопштија дека инцидентот е целосно безбедносно расчистен, но дека е покрената истрага со цел да се идентификува одговорниот патник и да се преземат соодветни правни мерки.
„Сите безбедносни протоколи беа спроведени и не се утврдени никакви неправилности. Повратниот лет ќе биде реализиран веднаш штом патниците повторно се укрцаат“, изјави портпарол на авиокомпанијата.
Wi-Fi hotspot функцијата на мобилните телефони овозможува уредот да се користи како мал безжичен рутер, при што корисникот сам го избира името на мрежата. Токму таков, несоодветен и неодговорен назив, предизвикал целосна безбедносна тревога.
Засега не е познато како точно се викала спорната мрежа, но случајот повторно отвори прашања за злоупотребата на технологијата и строгите авио-безбедносни правила.
