Драгоцени предмети кои никогаш не се пронајдени: Ова се најпознатите грабежи во музеи пред Лувр

Драгоцени предмети кои никогаш не се пронајдени

Пред грабежот во музејот Лувр во Париз, каде што во недела беа украдени осум вредни парчиња скап накит од 19 век, во изминатите децении и други музеи низ светот беа цел на крадци.

Во ноќта помеѓу 3 и 4 септември 1972 година, тројца крадци вооружени со автоматски пушки ја искористија можноста за градежни работи во Музејот на ликовни уметности во Монтреал за да пробијат кровен прозорец и да украдат 18 слики, околу 40 парчиња накит и други вредни предмети со вкупна проценета вредност од околу два милиони долари, според парискиот дневен весник Фигаро.

Украдените уметнички дела, вклучувајќи слики од Рембрант, Бројгел Постариот, Петер Пол Рубенс, Жан-Батист Ками Коро и Ежен Делакроа, никогаш не се пронајдени.

Во раните утрински часови на 18 март 1990 година, двајца мажи преправени како полицајци ги измамија вработените во Музејот „Изабела Стјуарт Гарднер“ во Бостон и украдоа 13 дела од големи мајстори, вклучувајќи ги Едгар Дега, Рембрант, Јоханес Вермер и Едуар Мане.

Пленот, за кој се проценува дека вреди најмалку половина милијарда долари, никогаш не е пронајден и покрај наградата од 10 милиони долари ветена во 2017 година.

Во зори на 12 мај 2003 година, од Националниот музеј на ликовни уметности во Виена беше украдено дело од емајл и злато од фирентинскиот скулптор Бенвенуто Челини, нарачано од кралот Франсоа I од Франција во 16 век.

Крадецот се искачи на скелето поставено за реновирање на музејот и го украде ова ремек-дело пред очите на службеникот за обезбедување на музејот, кој не реагираше соодветно на алармот.

Ова дело, проценето на повеќе од 50 милиони евра, беше пронајдено три години подоцна, речиси недопрено, во кутија закопана во шума северозападно од Виена благодарение на признанието на фатен крадец кој беше осуден на пет години затвор.

На 22 август 2004 година, двајца вооружени мажи со качулки на главата влегоа во Музејот Мунк во Осло сред бел ден и украдоа две важни дела, „Врисокот“ и „Мадона“, а потоа избегаа пред зачудените посетители на музејот.

Овој грабеж траеше само 50 секунди, а две години подоцна, под мистериозни околности, украдените слики беа пронајдени, но оштетени.

На 20 мај 2010 година, пет ремек-дела од Пабло Пикасо, Анри Матис, Жорж Брак, Амадео Модиљани и Фернандо Леже, со проценета вредност од 100 милиони евра, исчезнаа од Музејот на модерна уметност во Париз.

Крадецот ја искористил неисправноста во безбедносните системи на музејот каде што детекторите за движење не работеле два месеци.

Ниту една од петте украдени слики никогаш не била пронајдена, но крадец по име Спајдермен бил фатен во 2017 година и осуден на осум години затвор.

На 25 ноември 2019 година, група од пет крадци украле накит од 18 век, осигурен за повеќе од 113 милиони евра, од музејот „Зелен трезор“ во Дрезден.

Сите членови на оваа група поврзани со криминалното опкружување во Берлин биле уапсени и осудени на поблаги затворски казни во 2023 година во замена за признание на злосторството и делумно враќање на украдениот накит.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни