Драгица Зенделовска, нутриционист: Владеењето со самиот себе е ДНК на владеењето со животот

„Владеењето со самиот себе е ДНК на владеењето со животот. Надворешниот успех започнува одвнатре.“ Ова е животната филозофија на Драгица Зенделовска – нутриционист, доктор на хемиски науки и професор по медицински факултет, која преку илјадници индивидуални трансформации го потврдува фактот дека добрата исхрана не е тренд, туку алатка за длабока и трајна промена. Нејзината мисија? Да покаже дека малите, свесни избори на чинија можат да донесат големи резултати во животот.

Трн: Кои се Вашите препораки за правилна и урамнотежена исхрана во летниот период?

Драгица: Во текот на летниот период треба да се фокусираме на храна која е лесна и која не хидрира. Секако прироритет треба да ни бидат сезонското овошје и зеленчук со висока содржина на вода (лубеница, праска, бобинки, краставица, домат, тиквички, лиснат зеленчук). Треба да се ограничи внесот на масна, пржена и преработена храна и кремасти сосови бидејќи содржат големи количини на шеќер, натриум и транс масти. Пијалоците и десертите кои содржат многу шеќери може да придонесат кон брз скок и пад на нивото на енергија, но и да ја зголемат телесната тежина. Потребно е да се внесуваат лесни протеини од риба, пилешко или мисиркино месо и помала количина на посно црвено месо. Важно е да се стави акцент на храна богата со пробиотици како што е јогуртот. Од друга страна, пак, лутата храна може да ја зголеми телесната температура и затоа е препорачливо да се избегнува во летните месеци.

Трн: Колку е важна хидратацијата и кои пијалаци би ги препорачале покрај водата?

Драгица: Хидратацијата е клучен фактор во лето за регулирање на телесната температура и поради зголеменото губење на течности преку потење кое може да доведе до дехидратација која влијае на физичките и когнитивните способности како и на пореметување на телесните функции. Најважно е да се користат пијалоци кои се богати со макронутриенти и електролити (млеко, сок од пороткал, јогурт или ајран, орални рехидратациони раствори) бидејќи имаат повисок индекс на хидратација од чај или вода, а резултираат со поголема задршка на течности. Кокосовата вода е природен електролитен напиток кој спречува дехидратација и замор. Од чаеви препорачувам почесто да се конзумира ладен напиток од нане, босилек, коријандер.

Трн: Колку начинот на исхрана може реално да го промени квалитетот на животот кај една личност?

Драгица: Исхраната значително влијае на физичкото здравје и менталната благосостојба. Правилниот начин на исхрана може да го зголеми животниот век и да го намали ризикот од хронични болести особено срцеви заболувања и дијабетес. Донесувањето одлука за подобар начин на исхрана може значително да промовира поздрав и подолг живот.

Трн: Колку време е потребно за да се променат навиките за исхрана кај просечен клиент?

Драгица: Промената на навиките во исхраната е процес кој варира од личност до личност. Во просек, според мое искуство трае во опсег од 40 дена до неколку месеци. Секако постојат многу фактори како сложеноста на промената до посветеноста на поединец кои играат улога на времетраењето од почетната транзиција до формирањето навика. На овој процес треба да се гледа како  предизвик и можност за учење со цел полесно да се направи промената.

Трн: Колку клиенти досега се обратиле до Вашата ординација и дали гледате зголемен интерес во последно време? Дали како нација може да се дефинираме како дебела или обезна нација?

Драгица: Во мојата пракса до сега, без лажна скромност, имаат поминато илјадници клиенти. Интензитетот на интерес е скоро ист, но морам да потенцирам дека во последните години е во пораст. За жал ние сме нација би рекла со прекумерна тежина, но секако во последно време се почесто се среќавам со обезни клиенти, а голем дел од нив се деца. Според https://globalnutritionreport.org/ (податоци до 2020 година), 23,9% од возрасните жени (на возраст од 18 години и повеќе) и 25,1% од возрасните мажи живеат со дебелина. Преваленцата на дебелина кај нас е пониска од регионалниот просек од 25,3% кај жените, но е повисока од регионалниот просек од 24,9% кај мажите. Од друга страна, пак, според податоците од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), 30,4% од децата на возраст од 6 до 9 години имаат прекумерна тежина, додека 3,8% се дебели. Дополнително, 4,4% од децата страдаат од екстремна дебелина.

Трн: Дали сите приказни се успешни или има и случаи кога клиентите се откажуваат и зошто?

Драгица: Можам да зборувам за многу успешни приказни, но се среќава и по некој клиент каде полесно е да се откаже отколку да проба да направи промена. Би рекла секој е приказна за себе, но најверојатно во случај на откажување им се чини премногу сложено или пак се нема време за посветеност. Фактор индивидуалност игра голема улога. Затоа мене ми е многу важен пристапот, поддршката и достапноста.

Трн: Кој е еден највпечатлив случај што би го споделиле – некоја трансформација или пример за мотивација?

Драгица: Многу години работа, многу клиенти, многу позитивни резултати. Секој нивни успех е и мој. Треба да оставиме другите да зборуваат за ова, бидејќи квалитетот на мојата работа одговара на квалитетот на мојот придонес кон нив. Ако успеам да го подобрам животот некому, тогаш мојата живот го достигнал својот максимум.

Трн: Дали е мит или вистина дека водата со лимон наутро го забрзува метаболизмот и „чисти“ организмот?

Драгица: Овој напиток е дел од здрава рутина и  е добар начин да останете хидрирани, но не е магичен лек за детоксикација и губење на телесна тежина. Може да влијае на забрзување на метаболизмот особено ако се пие ладен, поради тоа што телото троши енергија на загревање на напитокот. Но поради неговата киселост, особено треба да бидат внимателни лицата кои имаат проблем со гастроинтестиналниот тракт.

Трн: Често слушаме за „детокс диети“ и „чудотворни пијалаци“. Дали навистина функционираат или се само трендови?

Драгица: Детокс диетите особено несоодветни и неприлагодени на потребите на клиентот, резултираат со побрзо губење на мускулна маса и вода, како и губење на корисните бактерии во цревата, електролити и јојо ефект. Има определени напитоци кои треба да се составен дел на некоја диета, но сепак клучен фактор е персонализацијата на диетата и нејзината периодизација.

Трн: Која е најголемата заблуда што луѓето ја имаат за здрава исхрана?

Драгица: Најголема заблуда е дека здравата исхрана бара строги ограничувања, елиминација на омилената храна и следење на ригорозни диети. Не постојат ригидни правила, но  храната е повеќе од гориво, всушност е извор на задоволство и социјална поврзаност. Треба да сватиме дека мали промени (рутинско вклучување на подобри намирници, свесно јадење, избалансиран пристап) може да доведат до големи резултати.

Трн: Која е Вашата порака до оние кои сакаат да направат промена, но се чувствуваат обесхрабрено?

Драгица: Ќе се послужам со неколку мудрости кои велат: Владеењето со самиот себе е ДНК на владеењето со животот. Надворешниот успех започнува одвнатре. Дисциплината се гради кога постојано правиш мали нешта за кои ти е потребна храброст.

Трн: Колку е важно да имаме индивидуален пристап во исхраната, наместо да следиме општи диети од интернет?

Драгица: Индивидуалниот пристап кон исхраната е поефикасен и поодржлив од слепото следење на општите диети. Персонализираната исхрана, која ги зема предвид индивидуалните фактори (генетски предиспозиции, здравствена состојба, физичка активност, преференции, специфични потреби) може да доведе до подобри долгорочни резултати. Генерално општите диети имаат недостаток на специфичност, може да не се соодветни на потребите на клиентот, честопати се неурамнотежени и поради тоа може да доведат до недостаток на хранливи материи. 
 

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни