Во светот на медицината, каде што технологијата и човечката посветеност се испреплетуваат, сѐ повеќе се истакнуваат жени кои кршат стереотипи и оставаат значајна трага во македонското здравство. Една од нив е др. Милена Богојевска Доксевска, единствен сертифициран Понсети експерт на централниот Балкан, која посветено се бори за здравјето на најмладите пациенти – децата со вродено криво стапало.
Како ортопед-хирург, асистент на Медицинскиот факултет во Скопје, таа не само што лекува, туку и образува, инспирира и отвора нови патишта за идните генерации лекари, особено жените кои „бескрупулозно“ се стремат кон ортопедската хирургија, традиционално „машка“ медицинска територија. Како што вели д-р Милена Богојевска Доксевска:
„Доколку една млада жена знае дека сака да биде докторка, хирург – сè е можно да се оствари. Една жена може да биде и пилот, и оџачар, и диригент, и шофер на камион. Секој пат е уникатен и секој успех е поинаков.“ А пречките? Тие не мора да бидат крај, туку можат да бидат насока – поттик за уште посветено функционирање и верба во себе. Младите луѓе, без разлика на полот, треба да го следат својот сон.
Од предизвиците на третманот на ортопедски заболувања кај возрасни, до превенција, дијагноза и навремен третман кај деца, па сѐ до лидерската улога во медицината, др. Милена ни зборува за еден хуман, научен и визионерски пристап кон ортопедијата.
Трн: Кои се најчестите ортопедски проблеми со кои се соочуваат пациентите во Македонија?
Др. Милена: Македонија, како и сите земји во светот полека станува земја на возрасни луѓе, нацијата старее, па така, најчести се проблемите кои се појавуваат со годините. Најмногу од нашите пациенти, и тоа во сите возрасти се јавуваат со долногрбна болка, која обично се третира со конзервативни, неоперативни методи, додека од оперативните интервенции најчести се имплантирањата на вештачки зглобови на колкот и коленото. Чести се и болестите на шаките, карпал тунел синдромот, прст повлекувач итн. Во помладата и физички активна популација се среќаваме со повреди на коленото и рамото кај кои се спроведуваат минимално инвазивни артроскопски оперативни интервенции. За жал се почести се и туморите на мускулно-скелетниот систем, кои можат да бидат бенигни, но и малигни, комплексни заболувања на коските и меките ткива. Тоа е во широки рамки опсегот на заболувања на адултната популација со кои се занимаваме на Клиниката за ортопедски болести.
Трн: Колку е важна превенцијата и раната дијагноза кај ортопедските заболувања?
Др. Милена: Иако дел од ортопедските заболувања се појавуваат ад хок без можност за превенција, сепак, здравиот начин на живот, умереноста во се, во исхраната, во вежбањето, во стресот се основа за целокупното здравје и секако здравјето на мускулноскелетниот систем. Постојат неколку скрининг методи и прегледи во ортопедијата, што доведува до превенција од заболувања. Тоа се ултразвучниот скрининг на колковите кај новороденчињата, кај кои рано би се пронашле и третирале развојните проблеми на колкот, кои ненавремено најдени доведуваат до хронична болка и проблеми со одењето во животот. Постои скрининг на постурата и држењето на телото, како и обликот на стапалата во раната школска возраст, а понатаму во постменопаузалниот период кај жените се прави скен за постоење на остеопороза со што би се превенирале т. н. нискоенергетски фрактури односно фрактури кои настануваат при мала траума на колкот, пршлените, рачниот зглоб итн, кои се всушност најчестите фрактури кај повозрасната популација.
Трн: Кои се најчестите ортопедски проблеми кај децата воопшто во земјава што ги гледаш во пракса и како можат родителите да препознаат рани знаци на деформитети или проблеми со движењето кај децата?
Др. Милена: Деформитетите кај децата се делат на неколку групи, но можеби најгрубата поделба е на вродени и стекнати деформитети. Од вродените најчестите се вроденото криво стапало, развојната аномалија на колкот и кривиот врат. Вроденото криво стапало е видливо веднаш кога ќе се роди детето и на тоа веднаш реагираат и родителите и медицинскиот персонал во родилиштата, додека за вродените аномалии на колкот неопходна е рана контрола кај ортопед и тоа до вториот месец од животот. Имаме среќа што кај нас постои генерализиран ултразвучен скрининг и тој треба да биде достапен за сите новороденчиња. Кај поголемите деца деформитетите се стекнати и тоа се искривувањата на рбетот, одењето со рамни стапала, лошата постура и лошото држење на телото. Седентарниот начин на живот, честото користење на мобилните телефони и таблети, несоодветните обувки, како и неправилното носење на тешките училишни ранци се причина за овие деформитети. Родителите од друга страна во трка со времето немаат трпение и време да поминат со своите деца и неретко дел од овие деформитети остануваат незабележани на време. Исто така, многу битно е рекреативното занимавање со спорт, престојување во природа, време без екрани за овие деформитети да се превенираат и да се создадат здрави навики за живот.
Трн: Колку е важно навремено откривање и лекување на вродениот деформитет на криви стапала?Колку се чести овие деформитети кај нас?
Др. Милена: За повеќето деформитети и болести постои златен период во кој ако се третираат се постигнува добар ефект, иако постојат случаи во светот каде успешно лекување се комплетирало и на триесет годишна возраст на пациентот. Конкретно вроденото криво стапало најдобро е да се започне да се лекува во втората недела од животот на пациентот, бидејќи тогаш има најголема еластичност на ткивата на детето. Вроденото криво стапало е најчест деформитет на долниот екстремитет, а и воопшто вроден деформитет на мускулноскелетниот систем појавувајќи се кај едно од седумстотини до илјада новородени, што во контекст на нашиот наталитет би довело до 20-30 нови случаи годишно.
Трн: Ти си единствениот сертифициран експерт за Понсети методата во земјава. Што точно претставува оваа метода?
Др. Милена: Понсети методот е златен стандард за лекување на децата со вродено криво стапало-талипес еквиноварус и е воспоставен во 50тите години во Ајова, САД од страна на Игнацио Понсети ортопед со шпанско потекло. Проф. Понсети почина во 2009та година на 95 годишна возраст и него го наследи проф. др. Хозе Моркуенде од кого јас ја имав честа да го учам методот.


Фото: Престој во Ајова заедно со др. Хозе Моркуенде

Фото: Центар за третман и истражување на еквиноварус на Понсети

Фото: Хозе Моркуенде, др. Каролина Халибуртон од Аргентина, с. Марија Милер и др. Милена Богојевска Доксевска
Самиот процес на сертификација се одвива во три фази – двонеделен престој во Ајова каде се работи еден на еден со проф. Моркуенде, потоа следи една долга фаза на работа во својата институција каде се документира секое едно доаѓање на триесет пациенти и секој чекор на третманот што потоа се анализира од страна на бордот доктори во Интернационалната асоцијација на Понсети. Доколку бордот процени дека успешно се применува методата се преоѓа кој онлајн тестирање за третман под надзор на Понсети предавач. Тоа е процес кој трае неколку години. Мојата приказна започна во септември 2019та кога бев во Универзитетската болница во Ајова и заврши во јули оваа година кога конечно бев внесена во официјалната листа на Понсети доктори.
Во моментот јас сум единствен сертифициран Понсети доктор на областа на централен Балкан, останатите доктори од нашиот регион кои се сертифицирани се во Љубљана, Атина и Варна.
Поентата и филозофијата на овој метод е да биде достапна со што е можно повеќе деца во светот. Бидејќи технички не е многу комплициран, може да се применува и во најнеразвиените земји, каде што всушност и овој деформитет е најчест. Така, во последниве години курсеви се одржуваат регионално, проф. Моркуенде и другите членови на Меѓународната асоцијација на Понсети одат во определени региони и таму се спроведува практичниот дел од учењето на методот.
Таков собир, Мастер клас за Понсети третманот се случи во месец јуни оваа година во Љубљана каде што јас бев супервизор, а се едуцираа осум доктори од регионот-Словенија, Хрватска, Србија, Босна и Македонија.



Фотографии од Понсети мастер класот во Љубљана
Понсети методот е систем на лекување на децата со вродено криво стапало кој се состои од три фази, манипулација на стапалото која се изведува со хируршка прецизност поради комплексноста на стапалото и сериско поставување на гипсеви секоја недела во период од три до најмногу десет недели. Потоа кај најголем дел од пациентите се изведува оперативна интервенција во локална анестезија-пресекување на Ахиловата тетива. По завршувањето на овие две фази, третата фаза е во рацете на родителите, односно до петтата година овие деца треба да носат специјална ортоза само за спиење, која најпросто објаснето изгледа како две сандали поврзани со шипка.

Фотографија: Доенче со десностран еквиноварус пред и по лекување по методот на Понсети.
Трн: Какви се резултатите кај децата кои се третираат со Понсети методата навремено?
Др. Милена: Резултатите се одлични, децата добиваат безболно и правилно стапало, што е анализирано во неколку студии во споредба со агресивниот оперативен метод. Децата кои се лекувани по методот на Понсети имаат нормален живот, учествуваат во спортски активности и до крајот на животот немаат болка, за разлика од оперативно лекуваните пациенти, кај кои се појавува болка и неможност за правилно одење уште во раната адолесценција. Понсети методот може да се применува и кај поголеми деца кај кои не биле извршувани третмани, па така, мојот најстар пациент лекуван со овој метод имаше 12 години и лекувањето беше успешно.
Трн: Каква е улогата на физичката активност и играта во здрав ортопедски развој?
Др. Милена: Престојувањето во природа, физичката активност, здравата исхрана се oснова не само за здрав ортопедски развој, туку и за севкупното живеење, здрава мисла и здрав дух.
Трн: Се уште има мал број жени хирурзи – како изгледа да се биде жена во една традиционално „машка“ медицинска област?
Др. Милена: Пред неколку месеци оформивме неформална група на жени ортопеди како дел од меѓународната организација WOW – Women in Orthopedics Worldwide. За помалку од 24 часа се собравме 40тина жени ортопеди и специјализантки по ортопедија, што е отприлика една четвртина од ортопедите во нашата држава. Целта беше да се запознаеме меѓу себе, да се поддржиме и да најдеме решение за евентуалните проблеми кои се појавуваат во однос на полова и било каква друга дискриминација, како и да дадеме почит на пионерките во ортопедијата и трауматологијата кај нас. Сепак, ортопедијата како гранка сеуште е доминантно машка професија и поделбата на гранки исто така допринесува до тој јаз, па така во спиналната хирургија, артропластиката, туморската хирургија сеуште значајно доминираат мажите. Причините за тоа се повеќебројни, како на пример операции кои побаруваат физичка сила, но со напредокот на технологијата тие сега се спроведуваат со софистициран инструментариум, долгите часови во операциона сала, како и традиционалното место на жената во нашата средина, која треба да е домаќинка, сопруга, мајка, итн, побарува голема поддршка од семејството и околината, како и промена на поделбата на должностите во домот за да може една професионалка комплетно да се изгради. Во последните години се поместуваат тие категоризации и неизмерно се радувам на сите колешки кои бескрупулозно го следат својот пат во ортопедијата.
Трн: Што би им порачала на младите девојки кои размислуваат да студираат медицина, особено хирургија?
Др. Милена: Јас верувам и целосно стојам зад тоа дека се што еден човек ќе замисли може да оствари со труд и посветеност. Доколку една млада жена знае дека сака да биде докторка, хирург, се е можно да се оствари. Една жена може да биде и пилот, и оџачар, и диригент и шофер на камион. Секој пат е уникатен и секој успех е поинаков. Понекогаш препреките кои ги среќаваме низ нашиот пат се само насока и поттик за попосветено функционирање и ревидирање на евентуалните грешки. Младите луѓе без разлика на полот треба да го следат својот сон и да веруваат во себе.

Трн: На што си особено горда во твојата кариера досега? Кои се оние моменти на кои се навраќаш и каде се гледаш во иднина?
Др. Милена: Горда сум на секоја една прегратка од моите пациенти, на задоволството на нивните лица по извршената интервенција. Среќна сум кога по одржаните вежби на студентите на Медицинскиот факултет каде работам како асистент, забележувам дека сум им го задржала вниманието и бараат дополнително да ме придружуваат при работата со пациенти.
Особено сум горда на програмата за трансплантација која со целиот тим на Клиниката за ортопедија посветено ја работиме и се базира исклучиво на алтруистичка основа.
Во иднина би сакала да има што поголем број на задоволни пациенти, среќни и исполнети колеги и колешки кои својата работа ја работат со љубов и знаење, како и поголема посветеност на научно-истражувачката и академската работа.